Фронтекс испрати во Грција дополнителни 100 полицајци

Агенцијата на ЕУ за контрола на надворешните граници – Фронтекс испрати во Грција дополнителни 100 експерти од 22 земји на ЕУ во рамки на операција за брза гранична интервенција што беше побарана од земјата домаќин во врска со напливот на бегалци на границата со Турција, пренесоа агенциите, повикувајќи се на сопштение на сајтот на агенцијата.

-Присуството на 100 полицајци од цела Европа го  потенцира фактот дека заштитата на зоната на европскиот простор на слобода, безбедност и праведност е заедничка одговорност на сите држави членки и на Фронтекс, посочи извршниот директор на агенцијата Фабрис Леџери при почнувањето на операцијата во грчкиот град Орестиада.

Оваа оперативна интервенција е важен момент за Фронтекс, која сега е ориентирана кон подготовката на постојаниот корпус на европската погранична и крајбрежна стража, изјави директорот, цитиран во соопштението на прес службата на агенцијата.

Агенцијата посочува дека претходно во Грција беа распоредени над 500 службеници на Фронтекс, како и 11 пловни објекти и друга опрема. Два дополнителни авиона за гранично набљудување  на Фронтекс од оваа недела почнаа да и даваат помош на Грција, посочија агенциите .

Операцијата за оперативна гранична интервенција ќе трае два месеца и може да биде продолжена во случај да се покаже потреба од тоа, се наведува во соопштението на Фронтекс.

Треба да знаете
Последни објави