Потврдени првите два случаja на заразени од коронавирус во Косово

– Косовскиот премиер Албин Курти и министерот за здравство Арбен Витиа на вонредна прес-конференција попладнево објавија дека во земјата се регистрирани првите два случаja на заразени од коронавирус во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Министерот Витиа информира дека станува збор за 20-годишна италијанска државјанка и 77-годишен косовски државјанин.

Премиерот Курти порача дека нема место за паника и побара од граѓаните да ги почитуваат владините мерки за превенција од заразата, посебно со водење сметка за хигиената и избегнување на места каде што има поголемо присуство на народ.

Во врска со препораката за затворање на воздушните и патните премини од и кон земјите со висок и среден ризик за епидемија од смртоносниот Ковид-19, Курти рече дека засега нема одлука за тоа и дека од Националниот институт за здравство не се бара тотална, туку делумна забрана, и тоа само за патници, а не и за стоки.

Курти најави дека за вечерва е закажана вонредна седница на Владата во врска со ситуацијата со коронавирусот, на која ќе се одлучува и за евентуалното затворање на граничните премини.

Треба да знаете
Последни објави