Search

Турскиот амбасадор во Атина повикан во грчкото МНР за инцидентот со грчкиот патролен брод кај островот Кос

За инцидентот во кој турски патролен брод, како што соопштуваат од грчката крајбрежна служба, намерно се судрил со грчки патролен брод во близина на островот Кос, амбасадорот на Турција бил повикан во Министерството за надворешни работи на Грција, соопшти портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите.

Од грчката крајбрежна служба велат дека во 5.45 часот утрово во грчките територијални води во близина на островот Кос, турски патролен брод намерно се судрил со патролен брод на крајбрежната служба на Грција со намера да го удри и да му нанесе штета на грчкиот.

Грчкиот брод патролирал во поширокото поморско подрачје, а од судирот била предизвикана мала материјална штета, а не бил повреден ниту еден член на екипажот.

-Повикан е турскиот амбасадор за да даде објаснувања во Министерството за надворешни работи и се информираат, како што е цврста наша пракса, сите наши партнери и сојузници во Европската унија и НАТО, рече портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите

Од инцидентот има и видео, кое првично го објави дописничката на германски „Билд”од Атина, а потоа и грчката крајбрежна служба.

Во видеото кое трае 43 секунди се слуша еден од Грците како вика дека е удрена страничната заштитна ограда, а неколку секунди подоцна друг како вели дела им е нанесена штета во задниот дел.

-Во нашите води е и нѐ удри, нѐ удри одзади. Одзади ни нанесе штета, вели еден од припадниците на грчката крајбрежна служба додека друг во позадина, се слуша како го пријавува инцидентот.

Треба да знаете
Последни објави