Search

Миланов: Нинџа воопшто не бил во ВМРО-ДПМНЕ, а не пак таму да ги видел Јанакиевски и Ристовски

Ќе докажеме дека сведокот Александар Василевски- Нинџа на 27 април 2017 година не бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде како што рекол дека ги видел сега обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, изјави адвокатот Еленко Миланов на денешното рочиште за „Организатори на 27 април“ каде воведни зборови дава одбраната на Трајко Вељаноски, Спире Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски.

Тие се обвинети дека со умисла организирале упад и тешки насилства и повреди на пратеници на 27 април 2017 година, за да го спречат мирното примопредавање на власта од ВМРО-ДПМНЕ на СДСМ.

-Ова е политички нарачан процес. Ќе докажеме дека ова, и Специјалното обвинителство, биле важна алка за изгласување на уставните измени, искористувајќи го овој настан. Обвинението против мене е смешно и неиздржливо. Пратеник не може да одговара за своите постапки како пратеник, исто како и судиите и обвинителите, зашто тоа им е загарантирано со устав, рече Вељаноски, кој кажа дека ги почитувал Уставот и законите како претседавач. Додаде дека обвинителството ги повредило неговите права во истрагата.

Според неговиот адвокат Миланов, од 27 април 2017 до денеска имаме парламентарна демократија, а имало и претходно.

-Ќе докажеме дека уставниот поредок никогаш не бил загрозен ниту променет. На некои лица на 27 април 2017 година им била загрозена сигурноста, а не на државата, што претставува голема разлика од тоа што на обвинетите им се става на товар во обвинителниот акт. Ќе докажеме дека собраниската седница на 27 април 2017 година по завршување на првата точка била завршена. Ќе докажеме дека никој не подготвувал загрозување на уставниот поредок. Од февруари до 27 април 2017 година секој ден се организираа протести. Со листата на докази од Собранието на Македонија тој 27 април 30 пратеници од парламентарното мнозинство бараат продолжување на конститутивната седница. Ќе докажеме врз база на стенограмски белешки од Собранието на Македонија дека пратеникот Зеќирија Ибрахими се обратил процедурално. Тој бил заменик координатор. За Трајко Вељаноски во обвинението стои дека работел спротивно на собранискиот Деловник – изјави Миланов. Ќе докажеме дека никој не организирал или повикал на протест од овде присутните, изјави Миланов, адвокат на обвинетиот Трајко Вељаноски.

Тој вели дека ќе докажат дека сведокот Александар Василевски- Нинџа не бил во седиштето на партијата каде како што рекол дека ги видел сега обвинетите Јанакиески и Ристески.

-И двајцата обвинети не биле заедно и не можел да ги види. Нинџа до 23 часот не бил ни во близина на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Миланов.

Обвинителката Вилма Рускоска, пак, тврди дека ќе докаже оти обвинетите изготвиле план со намера за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата со акти на насилство за да спречат мирно примопредавање на власта, што резултира со насилствата на 27 април 2017 година.

Во истрагата за организаторите на „27 април” беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.

 

Треба да знаете
Последни објави