Гренел: Политичките прашања ќе ги решаваат двете страни, фокусот на Вашингтон е на економијата

Вашингтон е фокусиран на економскиот развој и на нови работни места, но не може да помогне сè додека не се укинат таксите кои „му штетат на Косово”, порача синоќа американскиот специјален претставник за дијалогот Белград-Приштина, Ричард Гренел, истакнувајќи дека политичките прашања ќе ги решаваат двете страни, а не Вашингтон.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Гренел на тој начин одговори на наводите на еден корисник на Твитер дека луѓето на Косово имаат желба да откријат што се случува зад сцената во Вашингтон и во Брисел.

– Вашингтон е фокусиран на економскиот развој и на работните места, веруваме дека тоа беше игнорирано во дијалогот. Но, не можеме да помогнеме кога таксите на косовската влада продолжуваат и понатаму да му штетат на Косово. Тие треба прво да се укинат. Исто така, политичките прашања ќе ги решат двете страни, а не Вашингтон, напиша Гренел на Твитер.

Претходно, Гренел ги нарече како лажни вести изјавите дека на неговиот состанок во Вашингтон со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи, се воделе разговори за поделбата на Косово или за размена на територии.

Предавачот на универзитетот „Џон Хопкинс” во Вашингтон, Едвард Џозеф, претходно изјави за „Гласот на Америка” дека Гренел на средбата со Тачи и Вучиќ во Белата куќа се разговарало за билатерален договор, кој би бил заснован врз принципот на поделбата на Косово.

Треба да знаете
Последни објави