Search

Косово ги забрани летовите од северна Италија поради коронавирусот

Министерот за инфраструктура и животна средина на Косово Љумир Абдиџику побара времено одложување на сите летови од северна Италија на меѓународниот аеродром во Приштина, поради тамошната епидемија на коронавирусот.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Абдиџику информацијата ја објави преку својата страница на Фејсбук, каде што информира дека забраната на летовите од регионот кој италијанските власти го ставија под карантин е препорачана од Националниот институт за здравство.

– Денеска во 12.40 часот добивме итна препорака од Националниот институт за здравство за одлагање на сите летови кои доаѓаат од зоната на епидемија во северна Италија – како рефлексија на карантинот воведен од италијанската влада во борбата против коронавирусот. Следствено, побарав времено одлагање на сите летови од таа зона на епидемија, која се смета за зона од висок ризик. Летовите се прекинати, пишува Абдиџику.

Тој вели дека е во постојан контакт со министерот за здравство Арбен Витиа и оној за надворешни работи Глаук Коњуфца за координирање на контролата на аеродромот „Адем Јашари”.

Чувствуваме жалење поради преземените мерки, меѓутоа во сегашната ситуација немаме други алтернативи. Во постојан контакт сум со министерот за здравство Витиа и министерот за надворешни работи Коњуфца за координирање на контролата на аеродромот и евентуална асистенција за патниците во зоните со висок ризик, пишува Абдиџику.

Треба да знаете
Последни објави