Search

Почнува санацијата на главниот цевковод на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро

Фирмата „Еко тим” од Скопје, филијала на „Инд Еко” од Ријека од наредната седмица почнува со зафати за санација на канализациската мрежа од Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, на главната траса од потегот од Лагадин до Охрид и од Охрид до Струга.

Активностите што предвидуваат чистење и обложување на цевководот одвнатре со специјален непропустлив материјал ќе се изведуваат наредните четири месеци, а во тек на самите зафати делумно временски ќе биде стопиран дел од сообраќајот во близина на трасата каде минува цевководот.

Од граѓаните се бара да ја проверат исправноста на своите одводни сифони и да ги наполнат со вода како би спречиле евентуални непријатни миризби кои не претставуваат опасност, а кои можат евентуално да се појават во текот на санацијата на станбените простори. Притоа станарите на одредени објекти ќе бидат информирани за текот на активностите, во тоа време да се водржат од користење на канализациските состави или употребата да ја сведат на минимум бидејќи истите ќе бидат вон функција за време на инсталирање на цевководот.

Санацијата на самиот систем се спроведува со најсовремена технологија, со чистење на цевководот одвнатре без ископ на постојната мрежа. Во постоечките колекторски цевки ќе се вметнува специјален непропусен полиуретански материјал, што ќе спречува излевање на отпадните води надвор од системот, но и навлегување атмосферска вода во него.

Како што беше истакнато од страна на изведувачот, предноста на таквата технологија е што за време на активностите не се уништува надземна и подземна инфраструктура, а работата се одвива многу побргу од класичното ископување и замена на цевките.

Со реконстуираниот Колекторски систем ќе стопанисува новоформирано јавно претпријатие, целосно исчистено од долговите што ги имаше кон поранешното меѓуопштинско претпријатие „Проаква” под чија ингеренција работеше во минатото.

Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води беше изграден со самопродонес на граѓаните на Охрид на почетокот на 80-тите години на минатиот век. Продолжената негрижа доведе до тоа системот децении да работи со само околу 20 отсто од капацитетот, со чести дефекти и прегорувања на моторите од препумпните станици кои поради порозноста на цевководот немаа капацитет да ја примат сета вода што навлегуваше и го преоптоваруваше системот при секои посилни врнежи. Со предвидените активности за санација е предвидено системот да биде целосно функционален и без проблеми да опслужува наредните 15 години.

Треба да знаете
Последни објави