Search

Пендаровски: Негативната страна на дигитализацијата е алтернативната реалност во која се губи вистината

Претседателот, Стево Пендаровски, денеска се обрати на дебатата „Штетното влијание на дезинформациите“, во организација на граѓанската асоцијација МОСТ.

Во своето излагање претседателот порача дека за разлика од порано кога главните канали на информирање биле традиционалните медиуми, денес дигиталните платформи, блоговите и социјалните медиуми стануваат главен извор на информации.

„Социјалните медиуми станаа масовно користени канали за комуникација. Нив ги користат поединците, ги користат и компаниите како начин за промовирање на своите услуги и продукти, но станаа и места каде што се вдомија и многу медиуми. Тие овозможуваат инстант изразување и креираат различни публики преку брзо групирање на луѓето околу една актуелна тема“, посочи македонскиот претседател.

Според Пендаровски, дигитализацијата придонела за зајакнување на слободата на говор и овозможила маргинализираните да станат видливи.

Сепак, додаде тој, во рамките на експанзијата на социјалните медиуми, без преседан во историјата на човештвото, се јавува еден нов, сериозен предизвик и проблем, а тоа е злоупотребата на слободата на говор, а честопати и злоупотреба на правото на приватност.

„Истата таа технологија на дигиталните платформи овозможува и брзо ширење на дезинформациите и мултипликација на нивното дејство, создавање на алтернативна реалност од дезинформации во кои се губи вистината“, истакна претседателот.

Според него, за да биде ефикасна борбата против лажните вести и дезинформациите потребни се здружени напори, ефективна соработка на државните институции со граѓанскиот сектор, со медиумите, со образованието и со бизнисите.

„Отворен за соработка со сите институции и поединци од земјава и од странство со кои можеме заеднички да работиме на воведување на добри практики, со цел да придонесеме за намалување на ширењето на дезинформациите. Немам никаква дилема дека крајната цел ни е заедничка, а, тоа е унапредување и развој на демократијата“, кажа Пендаровски.

Треба да знаете
Последни објави