Search

МЗТ загуби и од „фенерџијата“ во АБА 2 лигата

Кошаркарите на МЗТ Скопје си го загрозија второто место на табелата во АБА2 лигата, откако вечерва загубија на гостински терен кај фенерџијата Нови Пазар со 79-70.

Со овој пораз, петти во низа, тимот од Аеродром му ја препушти втората позиција на Сплит, кој вечерва исто така славеше над Хелиос, па така во последното коло од регуларниот дел МЗТ ќе мора да го победи Ловќен, а да се надева на кикс на Сплит од Широки Бријег, за повторно да се врати на позицијата која ја имаше во најголемиот дел од сезоната во втората по ранг регионална лига.

Македонскиот шампион одлично го започна натпреварот, поведе и со 18-10 во седмата минута, но потоа беше забележан голем пад и неверојатна серија од 15-10 со која домаќините ја добија првата четвртина со 25-18. Потоа следуваше израмнета игра во која домаќините го имаа главниот збор за осма победа со која се искачија на претпоследното место на првенствената табела.

Најефикасен кај „металците“ беше Феми Олуџоби со 20 поени, Магдевски запиша 13 поени, додека Стојановкси и Милошевиќ придодадоа по десет коша. На спротивната страна одлична партија имаше Малјори со 27 поени.

Последното коло од АБА2 лигата е закажано за следната среда, а МЗТ својот последен меч од регуларниот дел од сезоната ќе се одигра на свој терен против Ловќен, меч кој ќе стартува во 19 часот.

Треба да знаете
Последни објави