Спречени 24.000 обиди за нелегален влез во Грција, уапсени 183 лица,Фронтекс потврди помош

За 60 часа во Грција, нелегално се обиделе да влезат над 24 илјади лица, односно од саботата во шест часот наутро до попладнево во 18 часот, според грчки владини извори, спречени биле 24 203 обиди за нелегален влез во Грција, а уапсени се 183 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

За дел од уапсените веќе е донесена пресуда за нелегален влез во земјата, обвинети се на четири години затвор и парична казна од 10 илјади евра за секој од нив. Уапсените кои сѐ уште не се изведени пред суд се префрлени во центри за притвор на мигранти.

Во однос на денешниот ден, според истите извори, за 12 часа, односно од шест часот утрово до 18 часот попладнево, биле спречен нелегален влез во Грција за 4354 лица, а биле уапсени 42 мигранти, во главно од Авганистан, Пакистан и Мароко.

Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс објави на својата веб-страница дека се согласила да и помогне на Грција да се справи со големиот број мигранти на надворешните граници на ЕУ. Фронтекс потврди дека грчката Влада синоќа поднела официјално барање за брза интервенција на границата на нејзината морска граница во Егејското Море.

Во соопштението се појаснува дека брза надворешна интервенција претставува обезбедување итна помош на земја-членка на ЕУ, која е подложена на екстремен притисок на надворешните граници, особено поврзано со голем број на државјани што не се членки на ЕУ, кои се обидуваат илегално да влезат на нивната територија.

– Со оглед на брзиот развој на ситуацијата на надворешните граници со Турција, моја одлука е да се преземам брза гранична интервенција, што беше побарано од Грција. Ова е дел од мандатот на Фронтекс, давање помош на земја-членка во итна ситуација, рече извршниот директор на Фронтекс. Фабрис Леџери.

Во соопштението се посочува дека Фронтекс веќе го зајакнал капацитетот на грчката граница и пренасочува таму кадар од други операции за да обезбеди итна помош на Грција.

Откако ќе се усогласи акциониот план со Грција, Фронтекс ќе побара од земјите-членки на ЕУ и Шенген зоната во рок од пет дена да обезбедат граничари и друг потребен персонал од заедничкиот фонд за одговор при итни случаи, како и потребна опрема во рок од 10 дена.

Треба да знаете
Последни објави