Search

Димитров во Прага: Силна поддршка за земјава за старт на пристапни преговори со ЕУ

– Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска за време на посетата на Прага имаше средби со претседателот на Долниот дом на чешкиот Парламент, Радек Вондрачек и со државната секретарка за европски прашања Милена Хрдинкова.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбите била изразена силна поддршка за Северна Македонија за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ.

Димитров претходно се сретна и со неговиот чешки колега Томаш Петричек, со кого разговараше за очекувањата и перспективите на земјава и за активностите за поддршка од чешка страна во контекст на евроинтегративниот процес

– Чешка е дел од нашето ЕУ патување, помагајќи ни да стигнеме заедно до целта што побрзо. И денес во инспиративната Прага добивме потврда за сработеното и ветер во грб за заслуженото. Очекувам тој ветер да не’ донесе до целта: отворање на пристапни преговори без одлагање, рече Димитров, соопшти МНР.

На средбата станало збор и за клучните моменти од односите меѓу двете пријателски земји и можностите за нивно понатамошно интензивирање.

Министерот Петричек, се наведува, ја потврди цврстата и континуирана поддршка на Чешка кон евроинтегративните процеси на Северна Македонија. Го нотираше забележителниот прогрес во спроведување на неопходните реформи во земјата, значителниот политички влог и потпишаните договори со Грција и Бугарија, и воедно го потврди својот став дека Северна Македонија заслужува да го започне процесот на преговори.

Димитров вечерва ќе учествува на панел дискусија во Институтот за Европска политика – ЕУРОПЕУМ, а утре на вториот ден од посетата на Чешка ќе учествува на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – V4 и земјите од Западен Балкан – WB6, што се организира во рамки на чешкото претседавање со Вишеградската група.

Треба да знаете
Последни објави