Search

Кинески епидемиолог: Врвот на епидемијата на коронавирусот нè очекува до крајот на февруари

Жонг Наншан, 83-годишен епидемиолог, кој се прослави во борбата против САРС во 2003 година, во изјава за „Ројтерс“ плачел за докторот Ли Венлианг, кој прв се обиде да го предупреди светот на коронавирусот и кој почина минатата недела.

Жонг е оптимистичен и вели дека ширењето на вирусот набргу ќе престане. Врвот на епидемијата, според него, се очекува на средината или на крајот на февруари, а потоа следува смирување на ситуацијата и опаѓање на бројот на случаите.

„Се надевам дека сè би завршило до април“, рекол тој и додал дека најголем проблем е тоа што сè уште не е познато зошто вирусот е толку заразен.

Од коронавирусот само вчера во Кина починаа 108 лица. Ова го направи понеделникот најсмртоносен ден од почетокот на ширењето на коронавирусот кон крајот на декември лани. Од вирусот досега во светот починаа 1.018 лица.

Потврдени се уште 2.478 нови случаи во Кина, со што бројот на заразени во оваа земја се искачи на 42.638. Во светски рамки заразени се 43.090 луѓе.

Двајца високи здравствени службеници добија отказ поради вирусот, објави Си-ен-ен. Властите на Хубеи ги разрешија шефот и секретарот на провинциската здравствена комисија кога бројот на починати надмина 1.000.

Заменик-директорот на локалниот Црвен крст исто така беше разрешен за занемарување на должноста.

Во меѓувреме, една зграда во Хонг Конг е делумно евакуирана бидејќи се стравува дека коронавирусот ќе се рашири низ цевките.

Треба да знаете
Последни објави