Курти: Дијалогот со Србија нема да го запоставиме, но и не се брзаме

 Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека дијалогот за решавање на споровите со Србија нема да доцни и да се запостави, но оти нема потреба ниту од брзање, јави дописникот на МИА од Приштина.

За време на посетата во Пеќ, каде што замина за да се запознае со последиците од невремето во тој регион, Курти рече дека приоритети на новата влада во моментов се изготвувањето на буџетот за 2020 година и владината програма.

– Ние во принцип сме за добрососедски односи, за добри билатерални односи во европски дух и за добро подготвен принципиелен дијалог и за таа цел сме оствариле средби со политички претставници и дипломати од западот, како од Брисел, така и од Вашингтон. Во наредните денови приоритет на нашата влада е изготвувањето на буџетот за 2020 година, владината програма која произлезе од коалициониот договор, како и програмата за работа на Владата. Не го запоставуваме дијалогот, не треба да одолговлекуваме за дијалог, но нема потреба ниту да се брзаме, изјави Курти.

За изборот на Мирослав Лајчак од Словачка, земја која не го признава Косово, за посредник на Европската унија во дијалогот меѓу Косово и Србија, новиот косовски премиер рече дека ќе има средби и со него и на тие средби ќе се претстават ставовите на Косово за заштита на државните интереси.

– Ние не можеме да влијаеме на тоа кого избира Брисел и какви емисари ќе одредат тие за фасилитација или посредување, но секако дека сите нив ги пречекуваме на средби, им ги претставуваме нашите ставови и ги штитиме националните интереси на земјата. Ќе имаме и владина и државна координација, вклучувајќи ја и опозицијата, со цел нашето претставување да биде достоинствено, силно и успешно, изјави Курти.

Треба да знаете
Последни објави