Search

Поголема група мигранти блокирана на српско-унгарската граница

Околу двесте мигранти биле запрени и блокирани вечерва на ничија земја меѓу српско-унгарската граница откако унгарската полиција поставила барикади и го блокирала нивниот премин.

Мигрантите, од кои повеќето тврдат дека се Сиријци, но и од Мароко, Ирак, Иран и Палестина, се организирале преку социјалните мрежи и од неколку прифатни центри во Србија се упатиле кон граничниот премин, но на влез во Унгарија односно на територија на ЕУ ги пресретнал кордон на унгарската полиција, со опрема за разбивање на демонстрации.

Барајќи да им се дозволи влез на територијата на Унгарија и ЕУ, мигрантите тврдат дека ќе се соберат во уште поголем број, а според нивните кажувања уште неколку групи се движат кон границата, пренесува „Индекс.хр“.

Меѓу мигрантите има и деца кои носат транспаренти со натпис „Децата заслужуваат подобар живот“ и пораки дека избегале од војна.

Унгарската телевизија објави дека унгарските гранични власти привремено го затвориле преминот Томпа, додека пак српската гранична полиција одбива да ги коментира вечерашните настани.

Треба да знаете
Последни објави