Косовската опозиција го бојкотира собраниското Претседателство поради отстранувањето на сликата на Тачи

Демократската партија на Косово (ПДК), која по октомвриските избори премина во опозиција, одлучи да ја бојкотира денешната седница на Претседателството на Собранието, во знак на протест поради тоа што собраниската спикерка Вјоса Османи ѝ го смени местото на фотографијата на претседателот Хашим Тачи во нејзиниот кабинет.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, шефот на пратеничката група на ПДК Бедри Хамза во изјава за медиумите оцени дека новата владејачка коалиција Движење Самоопределување (ВВ– Демократски сојуз на Косово (ЛДК) – Српска листа (СЛ) „лошо ја започна работата и институционалното однесување”.

Одговарајќи на изјавата на Османи дека на местото каде што претходно видеше сликата на Тачи ја ставила онаа на првиот претседател на независно Косово Ибрахим Ругова, затоа што „тоа е човекот кој цел живот ја инспирира”, Хамза ѝ порача дека за инспирација „служат приватните амбиенти и простории”.

– Јас разбирам дека луѓето имаат потреба да се инспирираат, но за такви работи служат приватните амбиенти и простории. Во официјалните институции тоа е регулирано со закон. Фотографијата на претседателот Ругова се наоѓа во просториите на Собранието на Косово и додека Собранието го водеше лидерот на ПДК Кадри Весели таа се третираше со почит, изјави Хамза.

Тачи е основач на ПДК и ја водеше партијата до неговото именување за претседател на државата пред четири години, додека Ругова беше основач и лидер на ЛДК, чија потпретседателка е новата парламентарна спикерка.

По денешната седница на Претседателството а Собранието Османи изјави дека не е информирана формално за бојкотот од партијата на Весели и нагласи дека сликата на Тачи не е отсранета од нејзиниот кабинет, туку само ѝ е сменето местото.

– Го сметам (бојкотот) за непотребен, бидејќи сликата на актуелниот претседател не е отсранета од кабинетот, туку е само поместена. Се наоѓа внатре во канцеларијата и е поставена на видливо место, само страната е сменета. Ги повикувам да дојдат и да придонесат за да ги водиме напред процесите кои се пред нас, изјави Османи пред новинарите.

На денешната седница на Претседателството на Собранието е одлучено да се формираат 14 собраниски комисии, кои ќе ја ндгледуваат работата на 15-те министерства, колку што има новата Влада на Косово предводена од лидерот на ВВ Албин Курти. 

Треба да знаете
Последни објави