Вархеји утре ќе оди кај Вучиќ да ја презентира новата методологија на проширување на ЕУ

Еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, утре пристигнува во Белград, каде ќе ја презентира новата преговарачка методологија за земјите кандидати.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според соопштението од Канцеларија за медиуми на српскиот претседател, Вархеји на средбата со Александар Вучиќ ќе го потпише и Финансискиот договор ИПА 2019, по што ќе има средба со премиерката Ана Брнабиќ.

Вархеји денеска во Брисел, презентирајќи ја новата преговарачка методологија ги потврди четирите принципи врз кои ќе се темели новата методологија доколку биде усвоена од страна на земјите членки: кредибилитет, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност.

Меѓутоа едно од најчестите прашања и критики упатени до Европската Комисија е што оваа нова методологија нема да важи за Србија и Црна Гора, освен во случај ако тие самите не побараат да бидат вклучени.

Експертите во Европската Комисија со кои разговараше МИА не можеа да дадат детали околу модалитетите на ова потенцијално вклучување: како и во што би се вклучиле Белград и Подгорица и според кои принципи? Дали овие две земји би можеле да се вклучат само за деловите кои носат бенефити, но не и во построгите делови кои ќе се применуваат за Северна Македонија, Албанија и останатите.

-Двете земји со кои преговараме треба да се согласат да ги сменат правилата, рече Вархеји на прес конференцијата, и додаде дека Србија и Црна Гора ќе имаат право на „опт ин”, односно да побараат вклучување во новата методологија.

-Фер е да биде избор за нив, порача еврокомесарот.

Тема на посетата на Вархеји на Белград ќе биде и продолжувањето на евроинтеграциите на Србија.

Тој деновиве ја повика Србија да го забрза процесот на ЕУ реформите и изрази очекување дека до крајот на неговиот мандат „барем една земја во регионот може да биде подготвена да влезе во ЕУ”.

Сепак, неговиот колега, шефот на европска дипломатија, Жозеп Борел, во петокот во Белград, прецизираше дека решението или нормализацијата на односите со Приштина е услов за понатамошен напредок на земјата во интеграцијата во ЕУ, а крајот на процесот на дијалог е тешко да се предвиди.

Треба да знаете
Последни објави