САД ја прекинале тајната шпионска програма со Турција

 САД ја прекинале тајната програма за воено-разузнавачка соработка со Турција, која со години наназад и помагала на Анкара во нивната борба со Курдската работничка партија (ПКК), соопштија американски официјални лица за британските медиуми.

Одлуката за прекин на програмата на неопределено време, за која претходно не се знаело, е одговор на турската операција во Сирија во октомври, кажуваат изворите, откривајќи го опфатот на штетите што им се нанесени на односите меѓу двете земји членки на НАТО.

Анонимните претставници на американските власти кажуваат дека САД минатата година ги прекинале и летовите на разузнавачките мисии против ПКК, кои и Вашингтон и Анкара ги сметаат за терористи.

САД ги спроведувале мисиите со невооружени дронови, што полетувале од турската база „Инџирлик”, во која Американците имаат значително присуство и базата ја користат за своите шпионски операции во регионот, пренесе бугарското национално радио.

Летовите биле во рамките на програмата, што почнала во 2007 година и често пати била насочена кон планинскиот регион во северен Ирак.

Портпаролот на Стејт департментот изјави дека САД не ги коментираат разузнавачките прашања, а од Пентагон посочуваат дека уште од 1997 година САД ја сметаат ПКК за терористичка организација.

Треба да знаете
Последни објави