Search

САД во карантин сместија 200 лица вратени од Вухан и забранија влез на странци кои биле во Кина

Околу 200 американски граѓани кои се вратиле од Вухан се сместени во превентивeн карантин во Калифорнија за да се спречи можното ширење на коронавирусoт, соопштија американските здравствени власти.

– Се наоѓаме во многу сериозна здравствена ситуација. Ако преземеме строга акција сега, можеби ќе можеме да го намалиме влијанието на вирусот врз САД, изјави Ненси Месонер од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Месонер додаде дека ЦДЦ за првпат одредила карантин во повеќе од 50 години.

– Се подготвуваме како да е ова случај на следна пандемија, рече таа, истакнувајќи дека ЦДЦ „подбро да биде запамтена за претерана реакција отколку по преслаба реакција”.

САД најавија неколку итни мерки за спречување на ширење на новиот коронавирус, вклучително и забрана за влез на странци кои престојувале во Кина во изминатите 14 дена. Од недела во 23 часот по средноевропско време, властите забрануваат влез на територијата за лица кои не се американски државјани,а кои биле во Кина во изминатите 14 денови.

– Карантин ќе им се воведе на американските граѓани ако биле во провинцијата Хубеи во последните 14 дена, објави секретарот за здравство Алекс Азар на прес-конференција во Белата куќа.

Од Американците кои се враќаат од друга провинција во Кина, освен Хубеи, ќе биде побарано да бидат во „самонаметнат карантин”, со надзор.

– Тоа се превентивни мерки. Постои мал ризик во САД, рече Азар.

Директорот на Центарот за контрола и превенција на болести Роберт Редфилд изјави дека има шест потврдени случаи на коронавирус во САД, а 191 лица се под лекарски надзор поради симптоми на тој вирус.

Треба да знаете
Последни објави