Шпанија се закани дека ќе го бојкотира самитот во Загреб поради Косово

Шпанија се заканува дека ќе го бојкотира загрепскиот самит на Европската Унија и западниот Балкан поради учеството на Косово, пренесува Радио слободна Европа, повикувајќи се на извори во Мадрид, Загреб и Брисел. Шпанските власти го предупредиле домаќинот на претстојниот самит дека нема да учествуваат на собир на кој Косово ќе има рамноправен статус со останатите земји од западниот Балкан.
Исто така од повеќе извори е потврдени дека дипломатите од останатите земји членки на ЕУ веќе се информирани дека е можно Шпанија да го скокне Загреб. Шпанската влада не сака официјално да се огласи околу можното неучество, бидејќи се чека формална покана од организаторот.
-Сѐ уште е рано за потврдување на учеството на премиерот и ние сѐ уште не сме добиле покана од хрватското претседателство. Штом таа биде примена, ние ќе бидеме во можност да потврдиме дали ќе учествуваме, се вели во одговорот на шпанското постојано претседателство во ЕУ.
Загрепскиот самит ќе биде одржан на 6 и 7 мај. Хрватското претседателство планира со овој самит да ја потврди европската перспектива на сите земји од регионот.
Шпанија е една од петте држави на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово, додека 23 ја признаваат. Владата во Мадрид на сите собири на европско ниво го оспорува рамноправното учество на Косово.
Во Софија во 2018 година, каде што беше одржан првиот самит со западен Балкан по 15 години, официјален Мадрид не учествуваше од истите причини.

Треба да знаете
Последни објави