Search

3аев: Законот за ЈО е важен за државата, со неговото донесување даваме аргумент плус пред ЕУ

„Би било добро Законот за јавно обвинителство да се донесе пред распуштање на Собранието и на тој начин да и помогнеме на државата”, изјави во одговор на новинарски прашања претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Претседателот Заев истакна дека на државата и граѓаните им е потребно вакво законско решение, но неговото донесување ќе биде дополнителен аргумент пред ЕУ, пред следното одлучување.

Заев ја поздрави јавната расправа и апелираше да се искористат претстојните денови за да се дојде до финално решение кое ќе се најде во Собранието.

„Сите да и помогнеме да државата, драго ми е што пратениците, министерката како организатор на јавната дебата, но и координаторите од сите политички партии покажаа дека имаат капацитет да организираат експертска расправа. Апелирам да го искористат и викендов за да ги оформат сите предлози и да ги структурираат во форма на амандмани, практични предлози кои ќе бидат вградени во законското решение и ако треба веќе во понеделник, Владата веднаш да го пушти како конечно решение во Парламентот за да може до крајот на работата на овој парламентарен состав да го усогласиме законот”, посочи Заев.

Осврнувајќи се на потребното мнозинство, претседателот Заев посочи дека стигнуваат позитивни сигнали од пратениците за важноста од донесување на Законот.

„Мислам дека стана поприлично јасно, ги слушнавме експертите, го слушнавме Државниот Јавен обвинител и други обвинители, адвокати, професори и сите засегнати и верувам дека може да се донесе вакво решение.  Драго ми е што стига еден убав и позитивен сигнал за одговорноста од независната пратеничка група коишто ме охрабруваат, тие не се безусловни, и тие бараат одредени услови со тоа сакаат да го подобрат законот, верувам дека и тие ќе дадат соодветни решенија во самиот закон којшто ќе биде гледан од очите на опозиционерите, за да може на крајот да се донесе. Но би бил најсреќен ако се донесе со консензус”, заклучи Заев во одговор на новинарско прашање.

Треба да знаете
Последни објави