Search

Курти побара седница на косовското Собрание за гласање на новата влада

– Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) и мандатар за формирање на Владата на Косово, Албин Курти се обрати вечерва до косовското Собрание со барање за свикување пленарна седница, на која ќе се гласа за неговиот предлог за состав на новата Влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Службата за информирање на Собранието соопшти дека седницата на собраниското Претседателство, на која ќе се разгледа барањето на Курти, ќе се одржи утре, 31 јануари.

Единствена точка на дневниот ред на утрешната седница, според соопштението, е „барањето на кандидатот за премиер, г. Албин Курти, за свикување пленарна седница на Собранието за гласање за составот на Владата на Република Косово”.

Курти, како лидер на партијата победничка на октомвриските вонредни парламентарни избори во Косово, го доби мандатот за состав на владата на 20 јануари и има рок да го изнесе својот предлог пред Собранието до идниот вторник, 4 февруари.

ВВ ги започна преговорите со второрангираната партија на изборите, исто така, досега опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), речиси веднаш по затворањето на гласачките места пред на 6 октомври, меѓутоа досега не успеаја да се договорат за коалиција, поради несогласувања околу поделбата на државните функции.

Треба да знаете
Последни објави