Search

Работната група во Министерството за правда ги разгледа укажувањата од јавната расправа за законот за ЈО

Работната група во Министерството за правда денеска ги разгледа укажувањата од јавната расправа за законот за јавно обвинителство, објави на Фејсбук министерката Рената Дескоска.

– Се надевам дека и политичките партии и пратенички групи сериозно пристапуваат во процесот и утре чекаме на работната средба да ги презентираат нивните амандмани, доколку сметаат дека има потреба од промени во текстот на законот што се разгледуваше, наведува Дескоска.

Во Собранието за утре е најавена нова средба на партиските работни групи во поширок формат, односно со присуство на претставници на сите пратенички групи. По средбата се очекува да биде појасно дали ќе се надминат отворените прашања меѓу власта и опозицијата и конечно Предлог-законот за ЈО да се најде на пленарна седница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска најави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен Предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.

Апел до партиите за договор за законот упатија премиерот Оливер Спасовски и лидерот на СДСМ Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ, пак, како што изјави пратеникот Антонијо Милошоски и натаму смета дека предложениот закон е некомплетен и со многу недостатоци, што според него, било потврдено и на јавната расправа во Собранието.

Надеж дека законот за јавното обвинителство ќе биде усвоен пред распуштањето на Собранието на 12 февруари изразија евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорката на САД Кејт Мери Бернс.

Треба да знаете
Последни објави