Search

Европските Социјалдемократи со силни критики за мировниот план на Трамп

Групата на Социјалдемократите во Европскиот Парламент, на која припаѓа и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, се огласи со остри критики за мировниот план на Доналд Трамп за Израел и Палестина и повикува на вистинско решение.

Потпретседателката на Социјалдемократите задолжена за надворешна политика, Кати Пири, го нарече овој план „небалансиран”.

-Ненадејната презентација на долгоочекуваниот мировен план на претседателот Трамп се одржа во присуство на само една од двете страни. Ова го рефлектира процесот, духот и -содржината на планот, фаворизирајќи една страна на штета на другата, изјави Пири.

За Социјалдемократите овој план “им служи на интересите” на американскиот претседател и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, кои се наоѓаат и двајцата под судски истраги во своите држави.

Втората најголема политичка група во Европскиот Парламент ја критикува содржината на мировниот план и нагласува дека бројни елементи се контроверзни во однос на статусот на Ерусалим, нелегалното населување на палестинска територија и бараат разјаснување.

-Продолжуваме да ги поддржуваме сите мировни напори во кои двете страни се инволвирани, во духот изразен од страна на Високиот Претставник Јосеп Борел во неговата изјава. Лажниот “План на деценијата” на Трамп ја покажува потребата од вистински мировен процес, порача Кати Пири.

Борел вчера се огласи со крајно воздржан став за планот на претседателот Трамп и порача дека ЕУ ќе остане обединета по израелско-палестинското прашање кое треба да биде прифатливо за двете страни.

Палестинската страна одлучно го отфрли предлогот на Трамп. 

Треба да знаете
Последни објави