Search

Делегација за мониторинг на УНЕСКО во Охрид на средба со претставници на институциите и граѓанскиот сектор

Во Охрид попладнево зад затворени врати се одржува средба на Мониторигн-делегацијата на УНЕСКО со претставници на Владата и на Локалната самоуправа и на еколошки движења, невладини организации за заштита на животната средина.

Предвидено е на средбата да бидат презентирани реализираните активности во насока на исполнување на барањата на Реактивната комисија на УНЕСКО од 2017 година, како и извештајот за досега постигнатото по однос забелешките, меѓу кои прогласениот мораториум на легализациите на дивоградби, уривањето на дивоградбите во заштитеното подрачје, легислативата за спречување на понатамошна нелегална градба, како и донесениот План за управување со Охридскиот регион со Стратегиската оцена за влијанието врз животната средина за периодот 2019-2028 година.

Во агендата на мониторинг-мисијата на предвидено е делегацијата на УНЕСКО наредните денови да посети повеќе локации во градот и околината, со цел на лице место да се увери во состојбите, а ќе направи увид и во активностите во рамки на проектот за рехабилитација и санација на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро што е во тек.

Синоќа Владата го усвои Извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот УНЕСКО – Светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион. Во документот се наведува дека во текот на извештајниот период е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) и е спроведена и Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Изработен е инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион со што се остварени предусловите да се премине на изработка на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и Оценка на влијание на културното наследство (ХИА). Дополнително, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро.

На вчерашната седница Владата донесе и заклучок со кој Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се задолжува да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и да провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење.

Претставници на граѓанските здруженија незадоволни од динамиката и начинот на кој се спроведуваат активностите за исполнување на забелешките од УНЕСКО.

Драгана Велковска во име на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS” и Здружението за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН” пред почетокот на средбата истакна дека пред делегацијата на УНЕСКО ќе ги презентираат доказите со кои располагаат, а според кои само привидно се работи на забелешките наведени од страна на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО.

– Во суштина во реалноста ништо не е исполнето од ветеното по однос она што беше наложено од УНЕСКО. До денешен ден упорно го загрозуваме нашето единствено светско културно и природно наследство, неговата автентичност, неговиот интегитет. Се надеваме дека делегатите од УНЕСКО ќе поднесат соодветен извештај и оти ќе и наложат на наредната влада што треба да се прави, дека таа ќе биде на ниво на задачата, и ќе ги реши сите овие нешта за кои вели дека се решени, а се уште се отворени, рече Велковска.

Тие со идентитечен став дека Охридскиот регион треба да биде ставен на листата светски наследства на УНЕСКО во опасност оттаму што, како што рече, се уште не е ништо направено за заштита на регионот.

– Тоа е механизам за помош, преку него би добиле стручна помош, финансиски средства соодветни што можеби сега не ги имаме, но можеби и надлежните не буџетираат соодветно и според приоритетите кои ние ги сметаме за приоритети, односно очигледно тие на власт имаат други приоритети, посочи Велковска.

Притоа како пример таа ја посочи забелешката шест од Рективната мисија што се однесува на дивоградбите, споед која иако постои регистер на дивоградби се уште ниту една не е отстранета.

– Декларативно велиме дека ќе се реагира, а упорно се одлагаат роковите. Време нема, времето за Охридскиот регион одамна е истечено и тоа што сега мора да направи одговорна власт е точно да спроведе се што ќе биде кажано во извештајот на оваа мисија на УНЕСКО, истакна Велковска.

Охридскиот регион на последниот состанок на УНЕСКО одржан во јуни минатата година не се најде на листата загрозени светски природни и културни наследства, но беше даден рок до февруари да најде механизми за справување со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот. Од државата беше побарано воспоставување целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување. Потоа беше побарано да се направи список на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание врз заштитеното подрачје, како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.

Тоа резултираше со прогласен шестмесечен мораториум на градење, со нагласок оти истиот ќе биде на сила до донесувањето на Планот за управување со Охридскиот регион со Стратегиската оцена за влијанието врз животната средина за периодот 2019-2028 година.

Планот беше усвоен, но се најде на нишан кај еколозите, експертите кои предупредија дека таков стратешки документ не треба да се донесува во отсуство на соодветни законски решенија за Охридско Езеро, без студија за Студенчишкото блато, за управувањето со Националниот парк „Галичица”, со сливното подрачје на Охридското Езеро… Државните органи со одговор дека

доколку се чека на спроведување на сите потребни процедури, а потоа се носи План, Охридското Езеро никогаш нема да добие соодветна и неопходна заштита.

Треба да знаете
Последни објави