Search

Утре во Собрание ќе се одржи јавна расправа за Јавното обвинителство

Собранието утре ќе одржи еднодневна јавна расправа за Јавното обвинителство. Дебатата ја свика претседателот на Комисијата за политички систем, Александар Кирацовски, но не се однесува на Предлог законот за јавно обвинителство, туку на обвинителството и за борбата против корупцијата. Дебатата доаѓа откако владата преговара со опозицијата за да ги обезбеди 80 – те гласови за усвојување на Законот.

На дебатата поканети се главниот обвинител Љубомир Јовески, претседателот на Советот на обвинители Ацо Колевски, обвинителката Вилма Русковска, поранешните специјални обвинители Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска и Гаврил Бубевски, професори, експерти и актуелни обвинители. Опозицијата изјави дека ќе учествува на дебатата, иако вели дека не е во согласност со деловникот на Собранието.

Според Деловникот за работа на Собранието, јавна расправа се организира по гласање на Собранието за потреба од донесување на закон.

„За Предлог закон кој е од општ интерес, Собранието по општата расправа може да одлучи, за тој Закон да се одржи јавна расправа и да определи свое работно тело за организирање на јавната расправа“, стои во Деловникот.

Извори од работната група на ВМРО ДПМНЕ велат дека еднодневната дебата не е доволна за партиите да ги вкрстат мислењата и ставовите кон текстот на Законот. Нема никакви новини од преговорите за усогласување на ставовите. Парламентарното мнозинство вели дека тие работат на обезбедување на потребните гласови.

Осумте независни пратеници кои лидерот на СДСМ ги гледа како гаранција за обезбедување на 80 гласови во случај да нема компромис со ВМРО ДПМНЕ, беа недостапни за коментар за тоа дали го разгледале текстот на Законот и како ќе постапат во парламентарните постапки за усвојување. Пред неколку дена, техничкиот премиер Оливер Спасовски истакна дека законот наскоро ќе биде доставен до Собрание со цел негово усвојување пред распуштањето на 12 февруари.

Треба да знаете
Последни објави