Search

Премиерката на Финска воведува четиридневна работна недела

Новата премиерка на Финска, Сана Марин (34) се заложи за воведување на флексибилно работно време во земјата, што би значело четири работни дена во неделата, по шест часа на ден.

„Сметам дека луѓето заслужуваат да поминуваат повеќе време со своите семејства, со најблиските, да се посветат на своите хобија и други аспекти на животот, како што е културата. Ова би можело да биде следниот чекор во нашите работни животи“, рече таа, пренесува Дејли Меил.

Марин, најмладата премиерка во светот и мајка на едно дете, е на чело на централно-левичарска коалиција во која учествуваат уште четири партии предводени од жени, од кои три се под 35 години, пишува весникот.

Пред да стане премиерка, Марин беше министерка за сообраќај на Финска и се залагаше за скратување на работната недела за подобрување на односот на работниците кон работата и зголемување на продуктивноста.

Во Финска, во моментот работното време изнесува осум часа на ден, пет дена неделно.

Предлогот со воодушевување го поздрави финската министерка за образование, Ли Андерсон, лидер на Левата алијанса.

„Од големо значење е да им се овозможи на финските граѓани да имаат работа со скратено работно време. Прашањето нема никаква врска со тоа што го предлагаат жени, тоа е за помагање и реализација на ветувањата дадени на гласачите“, рече Андерсон.

Во соседна Шведска, каде што беше тестирано шестчасовното работно време во 2015 година, резултатите покажаа дека работниците биле посреќни, попродуктивни и побогати.

Некои од водечките светски компании исто така ја пробаа оваа практика. Минатиот ноември, „Мајкрософт Јапонија“ направи храбар потег за подобрување на рамнотежата меѓу работниот и приватниот живот со воведување на тридневен викенд за своите вработени.

Резултатите покажаа дека продуктивноста е зголемена за неверојатни 39,9 проценти, пишува „Дејли мејл“.

Треба да знаете
Последни објави