Search

Антисемитски графити се појавија на продавници и синагога во Лондон за време на Ханука

Додека еврејската заедница во Лондон го славеше празникот Ханука, вандалите ги чкртаа нивните продавници и синагогата со антисемитски графити. Полицијата ги истражува инцидентите во време кога антисемитизмот расте, пренесува РТ.

Лондонската полиција добила извештаи за графитите во саботата и спроведува истрага за да ги најде одговорните.

Графитите – кои се наоѓаат на голем број локации во областа Хамстед и Белсајз Парк – ги прикажуваат Давидовата ѕвезда и броевите „9.11“, алузија на теоријата на заговор дека еврејска кабала (група) ги оркестрирала терористичките напади на 11 септември 2001 година во Њујорк. Една од суровите пораки беше напишана со спреј на синагогата на Јужен Хемпстед.

„Мора да сториме сè за да ја искорениме оваа расистичка омраза, што беше незамислива само неколку години претходно“, објави советникот од Хамстед, Оливер Купер.

Во август извештајот на една еврејска активистичка група утврди дека во првите шест месеци од 2019 година биле регистрирани 892 антисемитски инциденти, вклучително и 85 напади. Ваквите инциденти се сè побројни од 2013 година и се движат од вознемирување на социјалните мрежи до физички напади на улица.

За подемот на антисемитизмот се обвинети екстремната десница, муслиманските мигранти и Лабуристичката партија на Џереми Корбин, кој беше под притисок да се извини откако главниот рабин, Ефраим Мирвис, изјави дека во партијата се вкоренил нов отров поддржан од самиот врв.

Иако посочи дека му е жал за случувањата, Корбин истакна дека овие ставови ги имале и  членови на другите партии, вклучително и либералдемократите и конзервативците. Некои експерти тврдат дека самиот Корбин бил обвинет за антисемитизам поради неговото спротивставување на политиките на Израел и безусловната поддршка за Палестина.

Треба да знаете
Последни објави