СВЕТОТ ВО 2019: Албанија – година на длабока политичка криза

Албанија во 2019 година – преполна со протести, дел од нив насилни, препукувања и меѓусебни обвинувања на опозицијата и власта, заладени односи на релацијата претседател – премиер, со стотици граѓани кои ја напуштиле земјата за подобар живот, разорен земјотрес со жртви и огромна материјална штета, година што албанските граѓани сакаат никогаш да не се повтори.

Светла точка е бројот на над пет милиони туристи, што поради длабоката политичка криза е помал од очекувањата, преземањето на претседавањето на земјата со Органзацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, како и успешното учество во мисиите на НАТО.

Во првите секунди од новата година на свет беа донесени две машки бебиња, што по балканските убедувања значи среќна година. Но, по сè изгледа не било така.

Веднаш по празниците продолжија студентските протести, кои беа прекинати поради божиќните и новогодишните празници. Но наместо надвор поради студот, тие ги „запоседнаа” факултетите.

Бараа повлекување на Законот за високото образование, во кој беа предвидени нови тарифи за упис и за другите студентски давачки. Во барањата успеаја.

Кога опозицијата сè погласно почна да бара преодна влада и спроведување предвремени избори, премиерот Еди Рама ја направи првата реконструкција на Владата, по формирањето во септември 2017 година. На вонредна седница албанскиот парламент, со гласовите на владејачкото мнозинство беа избрани новите министри, меѓу кои и двајца Косовци, Беса Шахини за образование и Гент Цакај во МНР. Откако претседателот Илир Мета не потпиша уредба шеф на дипломатијата да биде Цакај, Рама ја презеде и функцијата министер за Европа и надворешни работи, а за истата го овласти Цакај.

Опозицијата ја оцени реконструкцијата како „мајтапење со народот”.

Политичката криза сè повеќе се продлабочуваше и покрај апелите на странците, власта и опозицијата да почнат дијалог. Обеднетата опозиција како паралелен чекор со протестите се  повлече од парламентот. Пратениците од Демократската партија и Социјалистичкото движење за интеграција (46) ги вратија пратеничките мандати до Централната изборна комсија (ЦИК). Таа, пак, врз основа на Изборниот законик пополни 23 од пратеничките мандати со лица од кандидатските листи на двете партии. Како резултат на тоа првпат во албанскиот парламент влегоа пратенци од македонската и египетската партија, Васил Стерјовски од Македонска алијанса за европска интеграција и Ервис Мечо од Партијата за европеизација и интеграција. И двајцата не само што се први народни избраници во албанскиот парламент во плурална Албанија, кои доаѓаат од партиите на Македонците и Египќаните, но и воопшто како пратеници што јавно се декларираат како Македонец, односно Египќанец.

За Мета беше неприфатливо и откажувањето на опозицијата од пратеничките мандати. Според него, со „овој чин без преседан се продлабочила кризата”. За него со пополнувањето на Парламентот со други пратеници само се затскрива кризата и го поткопува почетокот на преговорите со ЕУ.

Опозицијата никогаш не се откажа од барањето за заминување од власт на премиерот Рама и формирање преодна влада, што го повторуваше на многуте протести.

– Преодна влада значи влада што ќе создаде услови за избори што нема да бидат заложници на криминалот и парите од дрога, каде што граѓаните ќе го создадат тој простор, со враќање на Парламентот. Тоа не може да го направи еден премиер чија политичка егзистенција избра да преживее за интересите на грст олигарси и криминалци, обвни демократскиот лидер Љуљзим Баша.

Лидерката на Социјалистичкото движење за интеграција Моника Круемади ги повика албанските граѓани да се придружат во протестите, зашто, како што рече, „национална мисија е заминувањето на премиерот Еди Рама”.

За волја на вистината, протестите на Албанците почнаа кон крајот на 2018 година, со протестот на жителите од населбата Астир, чии домови се предвидува да се урнат заради изградбата на новата голема обиколница во Тирана, а потоа и студентските протести.

Масовните протести на обединетата опозиција почнаа на 16 февруари. Правејќи споредба со масовните протести во 90-тите години од минатиот век, опозицијата оцени дека има мала разлика.

– Тогаш урнавме една биста (на Енвер Хоџа во Тирана) и еден систем, а сега во 2019 година ќе урнеме една клика, многу повеќе инкриминиран и далеку полош систем од оној што го поминавме, оцени опозицијата.

Следуваа најмалку дваесетина протести, од нив десет наречени „национални протести”, на кои, според опозицијата, присуствувале по над 100.000 учесници. На сите нив се бараше оставка на Рама, па од нив произлезе и паролата „Рама оди си” што почна да се извикува на секакви собири, дури и на свадби.

Сите протести завршуваа со обраќање на опозицискиот лидер, демократот Љуљзим Баша, пред седиштето на партијата, пеење на албанската национална химна и најава за продолжување на протестите.

Сите протести не беа мирни, неколку од нив ексалираа со обиди за насилно влегување во Парламентот, кршење врати и прозорци и на Владата, која беше обојувана со црна боја, фрлани молотови коктели, повредени учесници, но многу повеќе полициски службеници.

Премиерот и лидер на владејачките социјалисти одговараше дека Владата останува до крајот на мандатот, односно до изборите во 2021 година.

Албанскиот претседател Илир Мета редовно повикуваше на смирување на состојбата и седнување на маса за надминување на кризата, која ја оцени како намерна и рече дека е подготвен да се откаже од мандатот за доброто на земјата.

– Подготвен сум да се откажам од мандатот и да се жртвувам како Салвадор Алјенде, за да не дозволам инсталација на воена хунта. Кризата може да предизвика конфронтации, кои ги видовме во минатото и кои би можеле да бидат на штета на интересите на земјата, рече Мета.

Тој упати апел до сите да не ја жртвуваат земјата за нивните фотелји и интереси. Во тој поглед, иако не се чувствува одговорно, рече дека ги вложил сите напори во изминатите две години за да ја спречи оваа стуација.

– Подготвен сум за двете крајности, од онаа со откажување од мандатот како претседател, откако ќе се гарантира дека земјата има принципиелно политичко решение, солидно, уставно, кое ја носи земјата напред, па сè до моето жртвување како Салвадор Алјенде за да се спречи инсталирањето на хунта која би можела да ја врати Албанија 30 години назад. Илир Мета е подготвен за двете, рече претседателот Мета.

Заладените односи на релацијата претседател – премиер кулминираа во почетокот на јуни, кога шефот на државата одлучи да ги одложи локалните избори за 13 октомври, наместо 30 јуни, за кога претходно ги закажа, поради како што образложи „избегнување граѓански судири”. Уредбата ја потпиша кога владејачкото мнозинство веќе ја имаше почнато изборната кампања, а главната опозиција не достави кандидатски листи и кажа дека изборите ќе ги бојкотира.

Изборите сепак се одржаа, се карактеризираа со најниска излезеност (21,6 %) во плурална Албанија. Од 61 новоизбран градоначалник, дури 60 се од редовите на владејачката социјалистичка партија. Меѓу нив е Општина Пустец населена со Македонци, каде што за градоначалник е избран Пали Колефски. Единствена општина каде што новиот градоначалник не е од оваа партија е Општина Финиќ, каде што новиот градоначалник е од партијата на грчкото малцинство, МЕГА, Кристо Кичо.

Опозицијата почна со обвинувања за тројца од градоначалниците за поврзаност со криминални актвности.

Од друга страна, пак, власта почна постапка за импичмент на претседателот Илир Мета. Парламентолт формира анкетна комисија и побара од Венецијанската комисија итно мислење околу разрешувањето на претседателот Илир Мета.

Пред делегацијата на комисијата која престојуваше во Тирана, како и пред анкетната комисија рече дека изборите ги одложил по информациите кои ги добил од безбедносните структури за можни немири на протестот на опозицијата на 8 јуни. Затоа неколку часа пред почетокот на протестот ги одложил изборите, по што дошло до намалување на тензијата меѓу приврзаниците на опозицијата и полицијата.

– Тајна и класифицирна информација ставаше до знаење дека одредени лица ќе го злоупотребат протестот на 8 јуни, да го запалат Парламентот. Секако ова е една нова информација во тој првец, но доверлива. Тензиите немаше да предизвикаат судири и повредени само меѓу демонстрантите и полицајците, туку тоа можеше да прерасне во општ граѓански конфликт со несогледливи последици, рече Мета.

Мета посочи дека изборите можело да се одржат во текот на јули, зашто и тој се залагал тоа да биде што побрзо, но оти постоеле две главни причини зошто тоа не се реализирало.

Спред него, тоа се „тврдоглавоста на премиерот Еди Рама да не се менува 30 јуни како ден на избори и, второ, тврдоглвоста на лидерот на опозициската Демократска парија Љуљзим Баша да седне на иста маса со Рама”.

Во октомври Венецијанската комисија оцени дека нема прекршување на Уставот од страна на претседателот, но анкетната комисија во декември си го продолжи мандатот за уште четири месеци.

– Институцијата претседател останува во одбрана на Уставот до 24 јули 2022 година, кога му завршува петгодишниот мандат, редовно порачуваше Мета.

Наспроти Мета, портпаролката на албанската влада во исто време и министерка за односи со Парламент Елиса Спиропали го обвини шефот на државата Илир Мета дека бил дел од сценарио за дестабилизација на Албанија.

Но, дали Мета го прекршил Уставот не можеше да даде мислење Уставниот суд. И тој и Врховниот суд на Албанија не функционираат повеќе од една година. По спроведениот ветинг, во Уставнот суд остана само еден, а во Врховниот двајца судии.

Во меѓувреме на почетокот од ноември лидерот на Републиканската партија Фатмир Медиу на Национално собрание на партијата, во врска со дијалогот опозиција – власт, поведе иницијатива за формирање Национален комитет за европска интеграција. Тој уште со предлог, во Албанија да се применува „моделот на Македонија” за преодна влада, 100 дена пред избори. За жал, неговите зборови само проструија во етерот без резултат.

Претседателот Мета во текот на годината не потпиша и врати повеќе закони.

Последниот е „пакет-законите за спречување клевета”, кој предвидува високи казни за онлајн медиумите и дополнителни овластувања за државните надзорни агенции.

Со новите законски решенија Агенцијата за аудовизуелни медиуми (АМА) добива надлежност да изрекува казна од 16.000 евра, па дури и да затвора портали доколку оцени дека објавиле клевета или лажни вести.

Пакет-законите беа усвоени само со гласовте на владејачкото мнознство и покрај протестите на 15 албански новинарски здруженија и невладини организации, кои го повикаа Парламентот да ги отфрли новите закони предложени од Владата, велејќи дека тие ќе ја нарушат слободата на изразување и слободата на медиумите и се во судир со меѓународните принципи. Тие сметаат дека АМА не може да има компентенци кои му следуваат на судот.

Сепак, загриженост околу законските одредби искажаа претставникот за слобода на медиумите при ОБСЕ, Харлем Десир, комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, како и Европската комисија. Тие сметаат дека некои одредби не се во согласност со меѓународните и европските стандарди за човекови права кои ја штитат слободата на изразување и слободата на медиумите.

Националниот театар, прашање кое дополнително ја вжешти и така пеколната политичка ситуација во Албанија. Се смета за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива албанската метропола, но за жал треба да замине во историјата.

Тој е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/1939 година по барање на албанското кралско семејство. Целиот комплекс Национален театар опфаќа површина од 13 илјади квадратни метри, а на седум илјади од нив е објектот во кој освен театарот се и библиотеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично.

Законот за уривање на Националниот тетар без присуство на опозицијата го донесе албанскиот Парламент во септември 2018 година, со ветување од Владата дека ќе изгради нов посовремен објект.

Против негово уривање е опозицијата, поголемиот дел од албанските актери и дел од граѓанскиот сектор, кои обвинуваат дека владата на премиерот Еди Рама на оваа атрактивна локација на свои приврзаници ќе им дозволи градба на повеќекатници.

Албанија ја тресеа многу убиства, но и судски процеси. Најголема врева предзвика судењето на поранешниот албански министер за внатрешни работи Саимир Тахири, осомничен за вмешаност во шверц со дрога. Иако обвинителството побара 12 години затвор, тој сепак се спаси од затворска казна. Основниот суд за тешки кривични дела го осуди Тахири на 5 години затвор, но одлуката беше преименувана во 3 години условна казна. Исто така толкав период не може да извршува јавна функција.Тахири беше прогласен за виновен единствено за злоупотреба на службената положба, додека обвинувањата за вмешаност во трговија со дрога беа отфрлени.

Во земјата продолжи егзодусот, главно кон земјите на ЕУ, пред сè Германија.

– Билет во еден правец земаат граѓани од сите социјални структури. За две години Албанија ја напуштиле најмалку 80.000 граѓани, од нив 6.500 медицински сестри, а таа бројка постојано расте. Од Лекарската комора, пак, потврдуваат дека само лани земјата ја напуштиле околу 200 лекари, поради што веќе се чувствува недостиг на лекари, посебно во внатрешноста, потврдува анализата што ја пренесуваат албанските медуми.

Не е мал бројот на оние кои се одлучиле за политички азил, но бројот оние кои тоа право го оствариле е минимален, бидејќи Албанија се смета за безбедна земја. Според полициската статистика само во текот на ноември се депортирани 500 албански државјани, најмногу од Франција и Германија.

Анкетите покажуваат дека над 70 отсто од граѓаните како 43 отсто од младите сакаат да ја напуштат земјата.

Годината ќе остане запаметена и по недобивањето датум за почнување преговори со ЕУ, најпрво во јуни, а потоа и на 18 октомври, за кога албанските власти беа повеќе од сигурни.

На месец пред крајот на годината Албанија ја погоди разорен земјотрес, најсилен во последните три децении. Според податоците објавени на веб-порталот „Волкано дискавери”, земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала што ја погоди Албанија утрото, во 3:55 часот на 26 ноември, имал моќност колку и 60.000 тони експлозив ТНТ.

– Земјотресот во Албанија е со моќност колку и експлозија од 60.000 тони ТНТ. Тоа е  еквивалентно на три атомски бомби, објави порталот Сот њуз.

Земјотресот однесе 51 човечки живот, околу илјада беа повредени, а материјалната штета, главно во Драч, Туман и Тирана, според неофицијални проценки, е околу милјарда евра. Веднаш многу држави, меѓу нив и Република Северна Македонија, искажаа солидарност, со испраќање специјализирани екипи, како и хуманитарна помош, а потоа и финансиски средства. Европската комисија одлучи да даде 15 милиони евра за Албанија за санирање на штетите од земјотресот. На осми декември албанскиот премиер Еди Рама престојуваше во Истанбул, Турција, на донаторска конфренција, каде што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги свика земјите членки на Организацијата на исламската конференција за помош на Албанија. Советот на Европа донесе одлука донаторската конференција за настраданите во земјотресот во Албанија да се одржи во Тирана на почетокот или во средината на јануари.

Претседателот Мета на почетокот на јули предупреди на земјотрес, ама, како што вели неговата сопруга и лидерка на ЛСИ Моника Круемади, го нарекле луд.

Таа додаде дека „Рама не вели залудно дека Мета ја има гатачката на филџан дома”, иронизирајќи ги изјавите на премиерот Еди Рама, кој ѝ го даде тој епитет.

– Велеа претседателот е луд што предупреди на земјотрес. Залудно не вели Рама дека Мета дома ја има гатачката на филџан. Еве гатачката предвиде. Но, никој не го послуша претседателот, туку рекоа дека полудел, рече Кируемади.

Мета во функција на претседател на Националниот совет за безбедност упати писмо до албанскиот премиер Еди Рама, вицепремиерот Ерион Браче и министерката за одбрана Олта Џачка. Побара информации од релевантните институции за тој природен феномен, врз основа на изјави на грчкиот сеизмолог Акис Целентис, искажувајќи подготвеност да го свика Националниот совет за безбедност.

„Сеизмологот Целентис предупредува за апокалиптичен земјотрес што се очекува да го погоди Балканот, што може да биде 30 пати помоќен од оној што го погоди атинскиот регион пред неколку дена. Поради нејзините сеизмички карактеристики, нашата земја е една од најризичните земји во Европа. Затоа Албанија е загрозена од тој природен феномен”, стоеше  во писмото од Мета.

Експресно му одговори министерката за одбрана Олта Џачка, порачувајќи му дека земјотреси не се предвидуваат.

– Предвидувањето земјотрес е надвор од можностите на науката, а за тоа се консултирав и со Институтот за геолошки науки, енергија, вода и животна средина (ИГЕУМ). Дополнително, грчкиот сеизмолог Акис Целентис ја демантираше лажната вест, што беше причина за вашата загриженост, стоеше меѓу другото во одговорот на министерката.

Во врска со мерките за справување природни непогоди, Џачка наведе дека Владата и Министерството за одбрана се „поподготвени од кога било во изминатите 30 години да се справат со вонредни состојби”, додавајќи дека „начинот на кој се справивме со земјотресот во Корча се најзначајните докази за сериозноста на нашата подготвеност”.

Сепак, земјотрес освен на 26 ноември Драч го постресе и на 21 септември.

Премерот Рама вети дека целиот процес на обнова по земјотресот ќе заврши во 2021 година. Во меѓувреме тимовите за истраги за земјотресот во Драч потпишаа 17 налози за притвор на инвеститори, градежни инженери и официјални лица поради прекршување на безбедносните стандарди при градење во Драч. Девет лица се уапсени и веќе се во притвор, додека останатите се верува дека ја напуштиле земјата.

Во 2019 година Албанија продолжи да биде дел од мировните мисии на НАТО со свои војници, како и во хуманитарната мисија во Егејското Море.

Во рамките на оваа хумана мисија, чија цел е спасување мигранти кои илегално се обидуваат да се префрлат преку Егејското Море, во неговите води пловат албанските бродови „Бутринти” и „Лисус”.

Албанија на шести декември, на втората средба на министрите на надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и официјално го презеде претседавањето со ОБСЕ за 2020 година. Од Братислава, премиерот и воедно министер за Европа и надворешни работи Еди Рама ова го оцени како историски момент за неговата земја. Додаде дека е голема одговорност да се предводи оваа меѓународна организација, но и извонредна можност да се направи Албанија да заблеска на чело на големата работа и посебните предизвици на ОБСЕ. И покрај предизвикот, Рама изрази уверување дека ОБСЕ под водство на Албанија ќе биде успешна и ќе се заснова на дијалог, демократија и човекови права.

– За Албанија ова е исторски момент. Нашата визија за раководењето со ОБСЕ ќе се заснова на три столба: првиот, на основните прашања за човековите права, како што се кредибилитетот, безбедноста, територијалниот интегритет и мирот во Европа; второ, заштита на демократијата, како и работата на ОБСЕ ќе бидат тесно поврзани со народот; третиот столб ќе се заснова на дијалог бидејќи сè уште има потреба од градење доверба меѓу земјите, рече Рама.

Официјално, пак, Словачка претседавањето со ОБСЕ на Албанија ѝ го предаде на 19 декември, а церемонијата на предавање на претседавањето со оваа организација се одржа на Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена.

Албанија од буџетот за 2020 година за претседавањето со ОБСЕ издвојува 4 милиони долари.

Покрај другото, албанската полиција успешно се справува со напливот на имигранти. Открила над 9.000 мигранти, што е за над 40 отсто повеќе споредено со 2018 година. Тоа, секако,  благодарение и на поддршката на Европската гранична и крајбрежна стража, како и Европската агенција за гранична безбедност – Фронтекс,чии припадници на албанско-грчката граница се од мај 2019.

Полека во декември почна формирањето на значајните судски инстанци. Парламентот за главен државен обвинител го избра Олсијан Чела, кој поради одлучноста е познат како „челичниот обвинител”, а потоа и Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Еден од убавите настани е секако доделувањето на наградата „Златен лав” на албанскиот претседател Илир Мета на свеченост организирана во Венеција.

Наградата му е доделена за придонес во промоција на демократијата и политичкиот плурализам, зајакнување на мирот и стабилноста на Балканот, промовирање на соживотот и верската хармонија, како и за зајакнување на италијанско-албанските односи.

– Оваа награда е посветена и на умерените лидери во регионот кои благодарение на зрелоста и дијалогот направија балканските земји, кои носеа само кризи и војни, денеска да бидат сè поблиску до Европа и до мирот меѓу народите, рече меѓу другото Мета.

Посочи дека наградата му припаѓа и на неговото семејство, за поддршката и љубовта „овозможувајќи ми да работам секој ден со упорност и спокојство”.

Инаку, Мета е добитник и на признанието „Светски политички лидер за 2018″ што ја доделува фондацијатa „Фуедус” за „промоција и зацврстување на односите и пријателството меѓу Албанија и Италија”.

На 20 и 21 декември во Тирана се одржа состанокот на лидерите од Западен Балкан, во рамките на иницијативата „Мал Шенген”, чиј домаќин беше премиерот Еди Рама.

И покрај тоа што жителите минува низ тешки денови како последица на катастрофалниот земјотрес, албанската метропола и другите градови пред божиќните и новогодишни празници  се обидоа да се вратат во нормала и празнична атмосфера. Градовите се осветлени со светлки, а во центрите се поставени и накитени елки. Желба на сите е новата да биде посреќна и побериќна.

Треба да знаете
Последни објави