Search

Тачи повторно го повика Курти на средба за мандатот за новата влада

Косовскиот претседател Хашим Тачи попладнево повторно го покани Лидерот на движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде нов премиер на Косово откако неговата партија победи на парламентарните избори во октомври, на консултативна средба за доделување на мандатот за формирање на владата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Откако Курти ја одби првата покана за во 13.30 часот денеска, Тачи новата средба ја закажа за вечерва во 20 часот.

Образложувајќи го одбивањето, извори од Самоопределување изјавија за медиумите дека Тачи ја испратил поканата околу 11 часот и дека нивниот лидер не бил во можност да стаса на состанокот во 13.30 поради обврски надвор од Приштина. Курти, според истите извори, „набргу ќе го извести претседателот за термините во кои може да се сретне со него”.

Пред да ја објави втората покана, Тачи на својот Твитер напиша дека Курти, без никакво официјално образложение, не се појавил на состанокот во 13.30 и воедно повика да не се доцни со формирањето на владата.

– Тој не се појави во мојата канцеларија како што се очекуваше, но како и да е една нова покана ќе следува набргу. Јас повторно ги повикувам сите да не одолговлекуваат со формирањето на Владата. Граѓаните и нашите сојузници очекуваат повеќе, порача Тачи.

Согласно косовските закони, откако ќе го добие мандатот, мандатарот има рок од 15 дена да му го предложи на Собранието составот на владиниот кабинет. Доколку тој не успее да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство, претседателот, согласно Уставот, треба да го понуди мандатот на лидерот на второрангираната партија на изборите, а доколку и тој не успее да формира влада земјата оди на предвремени избори.

Хашим Тачи и партијата што тој ја основа, Демократската партија на Косово (ПДК), се најчестата мета на напади од страна на ВВ и Курти во целиот повоен период во Косово.

Треба да знаете
Последни објави