Search

Судење за „Еразмус“: Вработен на Економски факултет негира дека посредувал за оценки

Обвинетиот Драган Денковски во случајот „Еразмус“ кој од сведокот Дејан Трајковиќ на минатото рочиште беше посочен како посредник меѓу студентите и професорите, а вработен како демонстратор на Економскиот факултет при УКИМ, на денешното рочиште рече дека не бил близок со ниту еден професор за да бара оценки за студенти, објави Макфакс.

-Јас не можев да помогнам за некој да положи испит на било кој факултет, не само Економски факултет. Јас го знам Дејан Трајковиќ како сопственик на бифето и кафана во Дебар маало. Моите односи со него беа професионални, оти кога имав пауза одев во неговото бифе, пиев кафе, што и да ми душа посака. За тоа имам соодветно платено, рече Денковски.

На минатото рочиште, ексвработен во бифето на Економскиот факултет, Дејан Трајковиќ, кој е сведок во случајот „Еразмус“, во судницата рече дека професорот Бобек Шуклев од студентка барал секс или пари во замена за преодна оценка. Трајковиќ бил посредник помеѓу две студентки и професорот и тврди дека не дошло до договор за секс во замена за оценка.

Обвинителството за организиран криминал за предметот „Еразмус“ гони петмина осомничени, меѓу кои поранешниот декан и професор на менаџмент, Бобек Шуклев. Предметот е отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а имало случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија.

Осомничени се професорите Бобек Шуклев, Славе Ристески, Драган Јанев и Стојан Дебарлиев.

Фото: Макфакс

Треба да знаете
Последни објави