Search

Додаток од 2.000 евра за секое новороденче во Грција

Грчката Влада на премиерот Кирјакос Мицотакис денеска ја одржа последната седница за 2019 година на која станало збор за измените во законот за протести и собири, за додатокот од 2.000 евра за секое новороденче, како и за последните случувања во економијата и надворешната политика, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопшти портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на почетокот од седницата министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас информирал за неговите посети на Блискиот Исток, како и за вчерашните средби во Либија, Египет и Кипар, а била истакната важноста на потпишувањето на договорот за гасоводот EastMed на 2 јануари 2020 во Атина.

Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас, на седницата истакнал дека таканаречената социјална дивиденда за 2019 година, за која се одвоени 215 милиони евра, ќе ја искористат над еден милион граѓани, односно над 300.000 домаќинства.

Во однос на предлог законот на Министерството за цивилна заштита за протести и собири, надлежниот министер информирал дека она што е потребно е грчките граѓани да имаат право да се собираат и да протестираат во рамките на законите и уставниот поредок, но и да имаат право на безбедност, заштита и непреченост во секојдневниот општествено – економски живот.

– Премиерот Киријакос Мицотакис истакна дека „основната порака со која треба да допреме до општеството е дека не може 50 лица да затвораат улица. Малтретирањето или подигнување на свеста на јавноста е тема на организаторите на еден протест? Ако е второто, тогаш денешната владина иницијатива е поддржана и вон политичките сили на Нова демократија. Пред сè, општеството ги поддржува овие политики. И затоа, овој предлог закон се однесува на почитување на јавниот простор”, соопшти портпаролот на грчката Влада.

Како мерка од демографската политика на Владата, од 1 јануари 2020 за секое родено бебе ќе се доделува додаток од 2.000 евра, а критериумот ќе биде годишниот приход на брачната двојка да е 70.000 евра.

Треба да знаете
Последни објави