Мицкоски: Јас знам како сум го стекнал својот имот и прифаќам ветингот да започне од мене

Ветингот кој што го предлага ВМРО-ДПМНЕ е за доброто на целата држава, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој гостуваше во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Мицкоски вели дека не може неколку семејства да поигруваат со народот кој едвај крај со крај сврзува, а некои фамилии да се полнат на криминален начин со народни пари.

-Јас и ВМРО-ДПМНЕ бараме ветинг. Тоа е точно. Но, не сакаме ветинг само за обвинителите, туку ветингот да започне од политичарите. Да се знае потеклото на имотот на сите актуелни и поранешни политичари, да знаеме дали имаме здрава основа, односно дали имаме луѓе кои се на функција за да помогнат на народот и државата или за да ги полнат џебовите. Ветингот прифаќам да започне од мене, јас би бил прв. Нека се прочешла лично мојот имот и имотот на моето семејство, прифаќам да бидам прв на листата политичари кои ќе треба да изнесат пред јавноста како го стекнале својот имот, истакна Мицкоски.

-Што се однесува на останатите политичари кои во изминатиот период вршеле висока политичка функција или пак во моментот вршат таква функција, се надевам дека ќе прифатат транспарентно да се одработи процесот на ветингот и да се докаже кои политичари работеле согласно правилата и законите во Република Македонија, а кои политичари функцијата ја користеле како извор за полнење на семејното конто, вели Мицкоски.

Во однос на ветингот, Мицкоски исто така порача дека покрај тоа што политичарите ќе треба да подлежат на ветинг, да бидат соочени со реалноста дека доколку кај некој политичар се пронајде нешто нелегално или голем криминал, истиот правно да одговара и да нема право на политичка функција во иднина, додаде Христијан Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави