Search

Курти: Не слушнавме ништо ново од Мустафа

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, изјави дека претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа во неговото вечерашно обраќање не кажал ништо ново во врска со евентуалната владина коалиција на двете партии, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти за приштинскиот портал „Економија онлајн” одби да коментира дали неговата партија и ЛДК, како победнички на изборите, ќе договорат заедничка влада и изјави дека од Мустафа го слушнал тоа што веќе го знае.

Коментарот на Курти, даден на церемонија на доделување на наградите ФИДЕС 2019 за филантропски придонес на индивидуи, организации и бизниси во Косово, следува по изјавата на Мустафа дека Генералниот совет на ЛДК вчера попладне одлучил во преговорите со ВВ да биде опфатена поделбата на сите функции, вклучително и онаа на претседателот на државата.

Двете досега опозициски партии ги започнаа преговорите за формирање на новата влада веднаш по изборите на 6 октомври, на кои победи ВВ со 26,27 отсто, а второпласиран беше ЛДК со 24,54 отсто освоени гласови.

До застој во преговорите меѓу двете партии дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Треба да знаете
Последни објави