Search

Мицевски: СДСМ штанца закони како никогаш досега

Во последните две седмици во Собранието на Република Македонија се пристигнати 123 предлог закони, што претставува рекорд во законодавниот дом. Владата предводена од СДСМ заедно со парламентарното мнозинство, штанцаат закони како никогаш до сега, со што се врши класична злоупотреба на институцијата, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие 123 закони парламентарното мнозинство сака да ги протне на мала врата, без никакви консултации со стручната јавност, без јавни расправи и без време пратениците од опозицијата да ги разгледаат текстовите на законите и соодветно да реагираат таму каде што има потреба“, рече тој.

Исто така, додаде Мицевски, не изостанува и континуираната злоупотреба на скратената постапка за која што СДСМ додека беше во опозиција гласно реагираше, а сега стана рекордер во донесени закони по скратена постапка каде што бројката надминува над 55% што, како што рече, е погубно за една демократија и најубаво го отсликува самоволието кое што владее овие три години во македонското собрание.

„Оваа бројка е уште попоразителна ако се земе фактот дека откако СДСМ се дојдени на власт па се до октомври 2019 односно за три години, донесени се 377 закони, а сега за само две недели до Собранието се стасани 123 предлог закони. Сакаме да потенцираме дека се работи за крајно популистички закони кои што не се во интерес на граѓаните, туку закони кои што треба да ја затскријат неспособноста на власта да си ги исполни ветувањата и преку овие закони сакаат да ги манипулираат граѓаните дека нешто работат“, рече Мицевски.

Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, апелираме до колегите од парламентарното мнозинтво наместо да се умилкуваат на Зоран Заев за нивните места на пратеничките листи, да се присетат дека тие се претставници на граѓаните, а не гласачка машинерија на погубните политики на Зоран Заев и раководството на СДСМ.

Треба да знаете
Последни објави