Search

(Видео) Мицкоски: Антикорупциската потврди дека СДСМ со лаги нанесе штета за мене и ВМРО-ДПМНЕ

Актуелна е распродажба и расфрлање со вашите пари, парите на македонската економија, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од настан во Охрид кој се одржа како дел од кампањата „Разговори за Обнова на Македонија“.

Како што рече рече тој, Зоран Заев денеска е уплашен човек, кој се плаши затоа што знае дека речиси три години политиката ја водел со криминал, корупција и многу лаги.

„Знае дека водеше политика на свиткана кичма на слугување, измислуваше, лажеше, креираше кампања против мене“, кажа Мицкоски, кој во обраќањето се осврна и на вчерашната одлука на Антикорупциската комисија, според која тој не направил судир на интереси во врска со концесиите за хидроцентралите.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, лагите изнесени во врска со овој случај предизвикале голема штета по неговиот личен углед и угледот на партијата.

„Видовте и вчера дека ДКСК која што тој (н.з. Заев) сам ја избра, самата му кажа дека сета онаа црна кампања која што нанесе штета за време на претседателските избори, која што нанесе штета на мојот интегритет и интегритетот на моето семејство, но најважно е што донесе штета на ВМРО-ДПМНЕ. ДКСК јасно кажа дека било измислица, обични лаги, клевети и обид да се засени лидерот на опозицијата, ама и најдобриот кандидат што некогаш се појавил на претседателските избори, Гордана Силјановска Давкова. Епа не може. Вистината порано или подоцна излегува на виделина. А вистината излезе вчера и токму од неговата антикорупциска комисија. 7:0 едногласно рекоа дека тука има само креација и лаги, дека тука нема ништо вистинито. Никој денес не слушнав да се извини“, рече Мицкоски во обраќањето пред охриѓани.

Тој пред присутните уште еднаш го повтори ставот на опозициската партија за покачувањето на платите во образованието за 10%.

„Ајде ако сте честити зголемете ги платите на наставниците во основните и на професорите во средните училишта онолку колку што треба согласно законот за минимална плата и согласно колективниот договор во образованието“, повика лидерот на опозициската партија.

Во продолжение, тој зборуваше и за пензиите и истакна дека откако на пензионерите власта им зела по 1.500 денари, сега ќе им враќала 700.

„Во периодот до 2010 до 2016 година пензиите се зголемија за 33 проценти или 5,5 проценти годишно, колку овие за 3 години успеаја да ги зголемат. Кого лажете?“, запраша Мицкоски.

Кажа дека ВМРО-ДПМНЕ за следните избори нуди политика која се темели на честитост, чесност, принципи и работа за брз економски развој.

„За да имаме брз економски развој потребни ни се темелни реформи во правосудството, но не само како реторика него овој пат и испорака, испорака уште во првите 100 дена, уште во првите 100 дена граѓаните ќе ја забележат разликата помеѓу оваа влада неспособна на СДСМ и умерениот патриотизам кој што ќе победи на 12. април 2020“, порача Мицкоски.

Кажа и дека умерениот патриотизам е неизбежна алка за назад да се врати македонизмот.

„Доста беше антиквизација, доста ни беше севернизација, нас ни треба македонизација и тоа македонизација во секој сегмент од македонското општество. Секаде на овие 25.000 квадратни километри. Македонизмот не треба да биде ексклузивно право само на македонскиот народ. Без разлика дали сме Македонци, дали сме Албанци, дали сме Турци, Роми, Еѓипќани, Власи, Бошњаци, Срби, ова е наша заедничка земја“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, презентирајќи го концептот на неговата партија за следните избори.

Треба да знаете
Последни објави