Search

Дескоска: Наместо само за плати, судството да реагира и за застарените предмети

Министерката за правда, Рената Дескоска, ги повика судиите и вработените во судството наместо само за плати, да реагираат и за случаите во кои има застарување на одредени судски постапки или криминал во редовите на судството.

„За жал, гласот од редовите на судството го слушаме само тогаш кога станува збор за распределба на плати. Судството има најмалку легитимитет да зборува на оваа тема имајќи предвид што сè се направи со алоцирање на средства во рамки на судството и имајќи ги предвид и резултатите од нивното работење“, нагласи Дескоска.

Таа посочи дека се очекува реакција од судиите, претседателите на судовите и од судската администрација за случаите за застарување на гонење во одредени судски постапки заради тоа што криминалот останува неказнет.

„Очекуваме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални дејствија во нивните редови за кои не видовме кривично гонење и кривични постапки. На пример, видеоклипот кој го виде целата јавност и се споделуваше на социјалните мрежи во кои се тргува со судски предмети од страна на вработен во судската администрација“, рече Дескоска.

Министерката ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да почне сериозна постапка за проверка на анкетните листови на судиите и на тој начин да се искористат постојните законски можности за ветинг во судството.

Треба да знаете
Последни објави