Search

Изложба „Мустаќлии“ во Мала станица

Во знак на месецот ноември за подигнување на свеста за машкото здравје и глобалната кампања на пуштање на мустаќи кај мажите – Movember, Националната галерија ја организира изложбата насловена „Мустаќлии“ на дела од нејзината богата колекција која ќе биде отворена на 14 ноември, во Мултимедијалниот центар Мала станица, 20 часот. Изложбата ќе биде отворена до 8 декември.

Оваа изложба е првото издание на проектот „Од поинаков дискурс“ кој има за цел да вклучи интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со ко-куратор од галеријата ќе работат на некоја тематика која ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија, со цел од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно благо.

Темата „Мустаќлии“ ја предложил Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар и книжевен преведувач.

„Кога точно пред еден век Марсел Дишан (во 1919 година) ù доцртал мустаќи на Мона Лиза, покрај субверзивната пресметка со традицијата, тој ни оставил визуелно потсетување колку навидум „малите” ликовни интервенции на лицето можат да го променат „личниот опис” (а со тоа и идентитетот) на насликаниот модел. Во детството ретко кој не им цртал или доцртувал мустаќи на ликовите од фотографиите од старите весници: само со неколку потези со моливот или пенкалото, само со повлекување неколку линии т.е. влакна, за миг излегува сосема нов лик!

Таа миговна метаморфоза ни покажува дека мустаќите(грч. μύσταξ,)не се само „грст влакна над горната усна” или „коса на лицето”, како што неретко се дефинираат. Имено, мустаќите не се само украс на човековото лице. Тие се визуелен знак, симбол, па затоа воопшто не се за потценување кога зборуваме за нивното присуство (или отсуство) во портретната уметност од нејзините почетоци до денес.

Постоеле епохи во кои мустаќите биле клучен визуелен знак за машкоста, храброста, јунаштвото…Иако денес само во ноември дел од мажите пуштаат мустаќи како видлива поддршка на глобалната кампања за подигнување на свеста за машкото здравје, до средината на минатиот век неретко се велело: „Маж без мустаќи не е маж“.

Во текот на XX век во македонската ликовна уметност се создадени низа впечатливи портрети на „мустаќлии“.

Преку избор од педесетина портрети на мажи со мустаќи од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, реализирани во различни ликовни техники, изложбата „Мустаќлии“ има за цел да загатне низа естетски, семиотички, антрополошки, социолошки, културолошки и родови аспекти на овој феномен.“ (извадок од текстот на д-р Владимир Мартиновски)

Треба да знаете
Последни објави