Search

Новата романска Влада го преживеа гласањето доверба

Новата романска Влада на либералдемократите на Лудовик Орбан денеска во парламентот го „преживеа” гласањето доверба.

-Ви благодарам и имајте доверба во нас, изјави Орбан, по објавувањето на резултатот од гласањето, јави БТА.

Оваа одлука на официјален Букурешт ќе му овозможи да го предложи својот кандидат за еврокомесар и на тој начин да го одблокира процесот на новата Европска комисија.
Новата Европска комисија требаше да стапи на должноста на 1 декември, но политичкиот застој во Букурешт го одложи нејзиниот избор.

-За доверба на владата гласаа 240 пратеници, изјави сенаторот Силвија Диника.

Владата на Орбан, која неодамна го замени кабинетот на социјалдемократите предводен од Виорика Данчила, за да добие доверба требаше да има најмалку 233 гласови, пренесоа британските медиуми.

Романскиот сајт Зиаре забележува дека во гласањето учествувале неколку парламентарци од партијата „Про Романија” и еден сенатор од Социјалдемократската партија (СДП) и покрај тоа што лидерите на двете нејзини фракции Виктор Понта и Виорика Данчила, се заканија дека ќе го исклучат од нивните редови секој оној што ќе гласа на новата влада составена од либералите.

-Романија веќе има легитимна влада која доби доверба во парламентот, и покрај срамниот бојкот од страна на две политички партии, што е факт без преседан во романската демократија во текот на последните 30 години, истакна Орбан.

Тој им заблагодари на партнерите на НЛП, но и на парламентарците кои „ја послушаа својата совест и на прво место го ставија доброто на Романија”.

Вечерва во претседателската палата ќе се оддржи церемонијата на положување заклетва за стапување на должноста пред претседателот Клаус Јоханис.

Треба да знаете
Последни објави