Search

Деспотовски за прогресивното оданочување: Нема ништо спорно ако воведете мерка, го увидите ефектот и одлучите да ја смените

Одлуката за одложување на прогресивното оданочување не е популистичка, туку базира на анализи направени во Министерството за финансии. Нема ништо спорно ако воведете некаква мерка, а потоа увидите каков ефект има и решите да ја смените, рече директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски во вечерашното гостување на „Топ тема”.

Според Деспотовски, легитимен е ставот на поранешниот министер Драган Тевдовски искажан на неговиот фејсбук профил, зашто проектот го чувствува како свој.

-Интересот на граѓаните не може да се смета за популистички. Она што е денеска презентирано како пролонгирање на рокот базира на анализи направени во Министерството за финансии. Левичарската политика во случајов апсолутно не е доведена во прашање. Не сум сигурен дека државава и нашиот животен стандард може да дозволат да левичариме многу. Одговорен политичар ќе каже дали има ефект или не од некоја мерка. Во делот на собирањето на средствата се работело како што треба, но промената е во делот на трошењето, истакна директорот.

Според него, Владата е пријателски настроена кон домашната економија, а не е пробизнис ориентирана.

-Со рамниот денок не е засегната само бизнис заедницата, туку и голем број луѓе од кои имаше реакции зашто им се одземаат дел од средствата што ги заработуваат. Верувам дека тие ќе бидат први што ќе го поздрават ваквиот чекор, дополни Деспотовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, пак, оцени дека враќањето на рамниот данок е предизборен популизам и уште една потврда за погрешните економски политики на СДСМ.

– Три години СДСМ води погрешна економска политика. Се гледа јасен очај, сите анкети покажуваат дека граѓаните не живеат подобро и компаниите не работат подобро, а новата министерка Ангеловска слуша наредби од Заев и Анѓушев и на некој начин е жртвено јагне за спроведување на политиките кои наидоа на негирање од нејзиниот претходник Тевдовски, рече Арсовски.

Треба да знаете
Последни објави