Search

Петта регионална конференција на училишни директори

Денес кога се трасира патот кон обидената Европа, патот кон се посложениот и глобален свет улогата на директорот станува доста комплексна и одговорна. Голема е одговорноста на директорите на училиштата кои треба да негуваат развој на образовна политика, да управуваат и раководат, насочени кон единствена цел, квалитет во воспитно образовниот процес, рече денеска претседателката на Здружението на училишни лидери Горица Илијоска на петтата регионална конференција на училишни директори.

Целта на здружението, посочи Илијоска, е да се наметнат кај релевантните институции, пред се кај Министерството за образование и наука како значаен фактор кој, како што рече, би бил консултиран при креирањето и реализација на образовните реформи и политики.

– Во последните две години е многу направено во областа на образованието, вложено во инфраструктурата на училиштата, подобрување на практичната работа во средните стручни училишта и сето тоа е гаранција дека државата конечно се свртува кон образованието. Но, треба многу повеќе. Бараме да ни се помогне нашето образование да го подигнеме на многу високо ниво, да ги достигнеме европските стандарди кон кои тежнееме за што се дискутира и на нашите средби на европската асоцијација на директори чија членка сме и ние повторно денес, рече Илијоска на регионалната конференција.

Заменик министерката за образование и наука Елизабета Наумовска посочи дека конференцијата е од исклучителна важност за земјава, но и за сите држави во регионот.

– Како и во многу земји и кај нас се реализираат мноштво конкретни развојни проекти и други активности чија цел е да се обезбеди подобар квалитет на образованието. Ваквиот интерес за квалитетот на образованието е резултат на тоа што во другите подрачја во животот и работата на луѓето и целото општество има потреба од обезбедување и контрола на квалитетот. На ова одамна му се посветува сериозно внимание, а за таа цел се утврдени и соодветни стандарди, рече Наумовска, додавајќи дека изминатиов период Владата јасно ја препозна додадената вредност во вложувањето во образованието.

Потенцира дека инвестирањето во оваа област ја засилува социјалната кохезија и овозможува целосно развивање на потенцијалите на секој млад и возрасен човек.

– Потврда за тоа се донесувањето на стратегија за образование 2018-2025 година и низа законски, подзаконски акти, како што е новиот закон за високо образование, законот за основно образование, законот за наставници, стручни соработници во основните и средните училишта, како и измени и дополнувања на законите за ученички студентски стандард, а во тек изработка на нов закон за средно образование и за средно стручно образование каде се надевам дека учество ќе земат и директорите од средните училишта, но и бројни проекти и значителни инвестиции во делот на образованието, посочи Наумовска.

Додаде дека исклучително важна улога за развој на образованието во една држава има подготовката односно стручното оспособување, професионалниот и кариерниот развој на училишниот менаџмент.

Треба да знаете
Последни објави