Search

Градоначалникот Богдановиќ изврши увид во градежните активности во градинката „Пепелашка“

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денес заедно со своите соработници, изврши увид во градежните активности во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ – клон Пепелашка.

Објектот со површина од 1025 метри квадратни, во кој се наоѓа градинката е еврејска куќа, изградена во далечната 1892-ра година, важи за една од најстарите градинки во Центар и е подарок од сопствениците, кој може да се користи исклучиво за детска градинка.

Темелната реконструкција, прва од ваков тип по 65 години, опфаќа поставување на целосна нова електрична и водоводна инсталација со еколошки цевки, изработени по сите европски стандарди и поставување на енергетски ефикасна фасада на надворешниот дел од градинката, која нема да го наруши изгледот на објектот и ќе ја зачува неговата автентичност.

Со зафатот опфатени се и тоалетите, кои комплетно се обновуваат, а ќе се постави и таканаречена „топла врска“, со што ќе се спојат објектот каде што престојуваат дечињата и салата за одржување на свечености, со што ќе се избегне студот во зимските денови.

Реконструкцијата се финансира од општинскиот буџет, со подзаем од Светска Банка и изведбата чини 340 евра по метар квадратен.

Треба да знаете
Последни објави