Промоција на колумните на Ѓорѓи Марјановиќ во „Дневник“

На Правниот факултет во Скопје денеска во 12 часот ќе се промовира книгата „Колумни“ на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, пишувани за „Дневник“ во период од 1998 до 2006 год. Организатори на настанот се Фондацијата Ѓорги Марјановиќ и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Промотори на книгата ќе бидат Владимир Петрушевски Фили, претседател на Фондацијата, Бранко Секуловски, судија во пензија, Александар Дамовски, еден од основачите на „Дневник“ и Александар Марјановиќ, извршен директор на Фондацијата.

Книгата содржи 329 колумни, ќе биде објавена во три тома, на над 1.000 страници, но нема да се продава на „традиционален“ начин, туку ќе се добива со донирање износ по сопствен избор.

Приходите кои Фондацијата ќе ги обезбедува на овој начин ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, деца на самохрани родители, невработени лица, лица со попреченост и останати ранливи категории.

На овој начин Фондацијата ќе се обиде на овие лица да им помогне да станат финансиски самостојни со што ќе направи Македонија еден ден да им стане пристојно место за живеење.

Електронската верзија од книгата е достапна за преземање.

Сѐ она што Ѓорѓи Марјановиќ го започна во 1984 година со неговата битка за укинување на вербалниот деликт како основен предуслов за развој на демократијата и создавање на повеќепартиски систем во тогашната СФРЈ, и сѐ она што се обидел да го реализира со првата политичка партија во Македонија, Лигата за демократија, со визија Македонија да стане пристојно место за живеење, сега продолжува да го реализира Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, со активности директно поврзани не само со оваа цел, туку и со афинитети по кои јавноста го познава професорот Марјановиќ – неговата љубов кон книгата, музиката, уметноста, планинарењето, неговите способност за дебатирање. Со оглед на тоа што тој на рана возраст ги губи и таткото и подоцна очувот (чие презиме цел живот го носи), во главен фокус на активностите на фондацијата ќе биде помошта за школување и вработувања на деца без родители, деца на самохрани родители, но и останати ранливи категории.

Треба да знаете
Последни објави