Search

Македонски ден на Саемот на книгата во Франкфурт 2019

Со посета на министерот за култура Хусни Исмаили, гостување на раководствата на интернационалните саеми на книгата во Франкфурт и во Лајпциг, како и промоција на домашни и странски автори, вчера (17 октомври), беше одбележан македонскиот ден на нашиот штанд на Саемот на книгата во Франкфурт 2019.

Македонските книжевници, претставувани од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), го запознаа министерот за култура Хусни Исмаили со своите најнови книги и публикации. Тие разговараа и за искуствата и плановите за претставување на оваа манифестација, како и за предизвиците со кои се соочуваат во издаваштвото.

За време на посетата на нашиот штанд министерот Исмаили оствари средба со директорот за меѓународна соработка на Саемот на книга во Франкфурт, Тобијас Вос, која се одржа на македонскиот штанд, го изрази своето задоволство што нашата земја традиционално неколку години е присутна на овој саем, кој е еден од најголемите и најзначајните саеми во Европа. Тој потенцираше дека Саемот во Франкфурт е можност да се претстави домашното творештво пред европската и светската културна јавност, како и другите потенцијали на државата од економски, туристички и друг аспект.

На средбата беше нагласено дека во нашата земја се прават напори за олеснување на пробивот на авторите на меѓународниот пазар преку соодветни мерки, како што е конкурсот за странски издавачи, а беа разменети мислења за можностите за соработка и промоција на домашното творештво. Исто така, беше изразен интересот за поголема соработка со германските издавачи и автори, како и, се разбира, подготвеноста и интересот за државно претставување на нашата земја во рамките на програмата „Почесни гости” на Саемот на книгата во Франкфурт.

Во рамки на работната средба со Оливер Зиле, директор на Саемот на книгата во Лајпциг, нашиот министер го истакна задоволството што македонските автори во неколку наврати биле дел од овој реномиран саем, кој е втор по големина во Германија по Саемот во Франкфурт. Министерот за култура нагласи дека и Саемот во Лајпциг е исклучително корисен за претставувањето на домашните автори и творештво, но претставува и можност за размена на информации за нови публикации, како и за актуелните и идните трендови во германското говорно подрачје и на европските пазари.

Во текот на вчерашниот ден, специјален гостин на штандот беше луксембуршкиот автор Жан Бак, добитник на Европската награда за литература во 2010 година, чијашто книга „Аматер” на македонски јазик е објавена во едицијата „Прошетка низ Европа” од „Арс Ламина – публикации”.

Современата македонска литература, претставувана од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), е дел од 71. издание на Саемот на книгата во Франкфурт, што се одржува од 16 до 20 октомври (недела) 2019 година.

На најголемиот саем на меѓународната издавачка индустрија, што се одржува под мотото „Идеи што го придвижуваат светот”, се претставени 400 наслови од стотина македонски автори, објавени од дваесеттина наши издавачки куќи. Посетителите можат да ја погледнат богатата понуда на книги за деца, стручна литература, едукативни изданија и белетристика на македонски, албански, англиски и на германски јазик.

Во фокусот годинава се промоција на нашата современа книжевност, бизнис-средби и соработки со странските партнери, привлекување на интересот на светските издавачи за нашата литература, како и промоција на нашата земја како современа културна и книжевна средина. На штанд сместен во петтата хала, наменета за интернационални издавачи, се претставени најновите наслови од повеќе македонски издавачи. Во тек се промоции, работни состаноци и презентации со меѓународни издавачи и агенти.

Инаку, Саемот на книгата во Франкфурт има повеќе од 7500 излагачи од 110 земји, околу 285020 посетители и 139460 трговски посетители. Има повеќе од 4000 настани и околу 10000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2000 блогери. Годинава, земја-почесен гостин е Норвешка.

Треба да знаете
Последни објави