Search

Боледува од ретка болест и 20 години е штитеник во Заводот за рехабилитација: Елена заедно со нејзините пријатели ја подели роденденската торта

Елена Лазарова- штитеничка на Заводот за рехабилитација на деца и младинци Скопје денес го слави 44 роденден. Елена е лице со посебни потреби кое боледува од ретка болест и е единствена во Македонија. Таа денес заедно со 24 инфо и со нејзините пријатели  од Заводот ја подели роденденската торта и изрази благодарност за грижата која и ја пружаат вработените овде. Таа денес доби торта од градоначалникот на Бутел Велимир Смилевски, а Заводот нов телевизор кој треба престојот во домот да им го направи поудобен.  

Елена е само дел од големото семејство од 70 штитеници на Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје која секој работен ден го поминува во Дневниот центар. Овде е заедно со Љубе, Фатмир, Венеса  но и со директорот Фатмир Ејупи, дефектолозите и сите вработени кои се грижат за нив како дел од едно големо семејство. Нејзината мајка Благица Лазарева вели дека Елена е веќе 20 години е штитеничка на Заводот.

-Елена е дете со посебни потреби со ретка болест. Во земјава нема ниту еден случај како нејзиниот. Секој ден е дел од Дневниот центар и овде се дружи со нејините пријатели.  Сместувањето и грижата за ови лица се беспрекорни. Се оди напред постјано. Заедно со вработените работиме на подобрување на условите, одиме на состаноци- вели Благица.

Таа објаснува дека Елена е навистина згрижена овде. Денот и почнува во 8 часот наутро кога со посебно возило ја земаат од центарот на градот и ја враќаат околу 14 и 30.

-Елена е презадоволна и не можам да ја спречам да доаѓа овде . Дури и кога е болна е присутна во Дневниот центар. Поради болеста често пати има зголемен притисок, зголемена тахикардија, но не отсуствува. Знаат да ми кажат вработените дека не и е добро и да ја земам порано, но и покрај состојбата тука е. Се случувало да ја однесат на клиника и од таму да ми се јават. Имаат лекари и сестри овде кои многу се грижат за сите кои се дел од Заводот.  Овие деца се посебни и за нив треба посебна грижа- вели Лазарова.

Фатмир Ејупи е директор на Заводот. Но за штитениците е само пријател кој доаѓа секојдневно кј нив. Во моментов вели дека има 70 штитеници и од нив 28 се во интернат и 24 часа се згрижуваат тука. Другите се во дневен центар. Возраста во дневен центар е од 6 до 65 години. Во склоп на установата има градинка.

-Центарот опстојува од 1965 година и во почетокот бил во Драчево, а од почеток на седумдесетите години е овде. Овој центар е единствен од ваков вид за умерена и тешка попреченост во развојот. Секој ден наи возила ги земаат штитениците од дома со две возила, но истите се дотраени од осумдесетите години на минатиот век се . Најмалку комбе и минибус ни се потребни итно за да функционираме како треба- вели Ејупи.

Објаснува дека сега кровот треба да се направи итно бидејќи сеуште има азбести плочи на него. Среќен е бидеќји дел од децата од интернатот ќе излезат од институцијата наскоро и ќе почнат самостојно да живеат.

– Веќе две години во склоп на домот функционираат посебно две групни мали домови. Тие се навикнати и спремни да живеат сами. Очекувам дури 28 од нашите штитеници до Нова година да излезат од институцијава и да живеат сами. Во прво време децата до 18 години треба да се префрлат во групни домови, а потоа сите останати- вели Ејупи.

Роденденот на Елена беше само повод за посетата на градоначалникот Велимир Смилевски на домот. Таа од општината доби се што беше потребно за роденденската прослава, а установата нов телевизор кој неодамна бил украден од Заводот. Ги оставивме со насмевки на лицата и со големо благодарам кое се читаше од нивните очи. Апелираме до сите фирми и приватни лица кои имаат можност за било какви донации да му помогнат на домот бидејќи освен деца во него има и возрасни лица кои животот го поминуваат овде.

Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави