Search

Фокус за Ровер: Трипати му нуделе слобода само за да сведочи лажно против Љубе

По денешната ослободителна пресуда за поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, како и за останатите припадници на МВР осудени за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, Фокус објави архивски текст за случајот Ровер.

Текстот е објавен на 11 јули 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1031 од авторот Валентина Стојанчевска.

…Со излегувањето на слобода, обвинетите конечно добија можност и надвор од судница да проговорат за „Ровер“. Пред да бидат уапсени, Трајковски и Митровски самите ловеле криминалци, односно биле вработени во Министерството за внатрешни работи.

Се сретнавме со Митровски. Додека му судеа, не зборуваше многу, и буквално изгледаше дека не му е јасно зошто му судат. И сега вели дека не се променило ништо. Очигледно е само дека по 22-годишна импресивна полициска кариера, во јули 2012 година, животот му се свртел наопаку. Воопшто не се надевал дека од инспектор оперативец, со завршен Факултет за безбедност и поминувајќи ги сите скалила на напредување, за миг ќе заврши на другата страна, со лисици на рацете, обвинет за помагање на двојно убиство.

По три години поминати во притвор, од кои седум месеци во истражниот затвор „Скопје“, пред една недела повторно може слободно да се движи. За „Фокус“ раскажува дека никогаш не се надевал оти ќе биде вплеткан во вакво сценарио.

…За разлика од Митровски, кој речиси и да немал контакти со Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски бил во неговото блиско опкружување. Во МВР почнал да работи во 1991 година, а за време на двојното убиство му бил шеф на обезбедувањето на Бошкоски и самостоен инспектор во тајната полиција, сектор за оперативно изведување. Во моментот кога го апсат е на боледување, но работи во Центарот за известување и командување. И тој ја има „среќата“ како Гоце, да не го апсат дома, пред двете деца и сопругата, туку додека вежба, поради повреда на грбот, покрај кејот на Вардар.

Можеби е и очекувано што поради неговата блискост со Бошкоски, тој имал најмногу притисоци да го предаде, а да се спаси себеси. Но, Трајковски, кој доби затворска казна од осум и пол години, вели дека не подлегнал ниту на еден притисок или ветување. Истакнува дека ќе се бори до крај и дека ќе ја докаже вистината.

Трајковски за „Фокус“ споделува информации кои досега беа непознати за јавноста. Раскажува дека дури трипати бил убедуван или „добронамерно советуван“ да соработува со службите и да сведочи против Бошкоски, а на тој начин тој да си ја „заработи“ слободата…

Целиот текст може да го прочитате на следниот линк: Фокус

 

Треба да знаете
Последни објави