Search

Отворена новата сезона со балетски премиери „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“

Во Националната опера и балет се одржа прес конференција за отворањето на сезоната 2019/2020 со две балетски премиери во иста вечер „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“ и одбележување на 70 години балет.

Својата прва премиера, Балетот на МНТ ја прикажал на 27 јануари 1949 год. во кореографија на Ѓорѓи Македонски, под диригентската палка на Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ – Цицо, костимограф Милица Бабиќ – Јовановиќ, беше изведен балетот ВАЛПУРГИСКА НОЌ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно. Во таа прва претстава настапиле: Ѓорѓи Македонски, Анелизе Асман, Драган Савиќ, Благовеста Каваја, Жика Сувачеревиќ…
Ѓорѓи Македонски е основоположникот на нашиот балетски ансамбл.

Триесет години подоцна Ѓорѓи Македонски во „Екран“ од 1978 година ќе ја опише атмосферата по повод овој настан: „На премиерата, публиката што немаше билети ги скрши прозорците од споредните простории и влезе „непоканета“. И никој не ја избрка, ниту пак ја казни, бидејќи одушевувањето беше општо и огромно. Поради аплаузите и постојаното враќање на уметниците на сцената, претставата, наместо два и пол часа траеше четири часа“.

За формирањето на балетот, неговиот основач, Ѓорѓи Македонски ќе истакне: „За Шеф на балетот на Државната опера во Скопје, сум поставен со Акт за стапување на должност, бр.2226 од 1 јули 1948 година…истата година претстоеше премиерата на операта „Травијата“, а во нејзе има балет. Бидејќи во Скопје не постоеја балетски играчи, ниту балетско училиште, бев принуден од Белград да донесам балерини и играчи…Ангажирав една група од 25 членови и со неа почнав да ја подготвувам кореографијата за „Травијата“. Истовремено објавивме конкурс за едногодишен балетски курс, на кој се пријавија 120 кандидати. По аудицијата, задржавме 30 девојчиња и сите 30 машки што се пријавија“.

Нов балетски празник се случил на 30 декември 1949 година, кога младиот ансамбл го прикажал својот прв целовечерен балет „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во „Бахчисарајска фонтана“ се појавува практично и првата генерација македонски балетски играчи кои во следните години, а повеќето од нив во следните две децении, ќе бидат главни носители на репертоарот. Меѓу нив се имињата на Натка Пенушлиска, Светлана Мавровска, Магдалена Јанева, Олга Милосавлева, Емилија Џипунова, Елица Поповска и Јанка Атанасова, односно Тони Шулевски, Александар Гочков и Љубомир Спасовски, малку подоцна и Вера Божинова, Смиљка Силјанова и Олга Дорошева.

Треба да знаете
Последни објави