Search

Шефицата на Хонгконг разговара со граѓаните за да стави крај на кризата

Шефицата на владата на Хонгконг, Кери Лам, се состана со над 130 граѓани на стадионот во полуавтономната територија за да разговара во врска со повеќемесечните протести.

За средба со Лам беа пријавени над 20.000 граѓани, а само 30 од нив имаа можност да се обратат најдолго до три минути.

Тие ја критикуваа Лам дека владата останала глува на повиците за демократските реформи што се бараат на протестите. Ја обвинија владата за ароганција бидејќи долго ги игнорирала, а сето тоа кулминирало со насилство на протестите. Говорниците го осудија насилството на полицијата за време на демонстрациите.

Покрај Лам, на средбата присуствуваа уште неколку членови на кабинетот, кои внимателнно ги слушаа обраќањата на граѓаните над два часа.

Лам ја призна недовербата во нејзината влада и полицијата и вети дека ќе ја врати поддршката од јавноста.

Таа повтори дека насилството мора да престане за да се поддржи владеењето на правото и додаде дека ќе се истражат наводите за насилството на полицијата.

Дијалогот што беше емитуван во живо критичарите на Лам го нарекоа политичка претстава направена со цел да се смират демонстрантите пред големиот собир, кој е најавен за овој викенд во пресрет на прославата за Националниот ден на Кина, 1 Октомври.

Ова беше прв дијалог од почетокот на протестите во јуни.

Треба да знаете
Последни објави