Search

Во Велес дебата на тема Изумирање на новинарството во внатрешноста

Состојбата на новинарството и на локалните медиуми во внатрешноста ја помина границата од лоша и катастрофална, ова е заклучок на денешната дебата во Велес на тема „Изумирање на новинарството во внатрешноста” што ја организира Здружението на мултимедијани производи ИНБОКС 7 Скопје.

Учесниците во дебатата заклучија дека во внатрешноста на земјава има се помалку новинари кои работат, поради затворање на дописништвата и на локалните радија, што е последица на намалување на средствата за плати и вработување на млади новинарски кадри, како и изостанување н финансирањето од државата и локалната власт.
 
Дописниците од внатрешноста во моментов се најзагрозените со минимални услови за работа и нивниот број е сведен на минумум, а со затворање на дописништвата на големите ТВ куќи и весници, цели региони во државава особено Источниот регион, воопшто и немаат новинари – дописници.
Како што беше речено, лоша е и состојбата и во малкуте преостанати локални медиуми во внатрешноста,  кои без финансиска подршка од државата тешко опстојуваат и на минумум го сведоа новинарскиот технички и друг кадар, а на програмата веќе неколку години  ги укинаа локалните вести и други локални информативни програми.

Во изјавата за МИА, Горан Лефков претседател на Здружението за мултимедијални услуги ИНБОКС 7 кој го изврши истражувањето посочи дека состојбата на новинарството и медиумите во внатрешноста на земјава ја поминала границата од лоша во катастрофална.

-Само од почетокот на годинава згаснаа шест локални медиуми, а со што постепено цели региони во земјава остануваа без локални медиуми и дописништва.Така во Малешевијата за жал скоро нема веќе ниту еден медиум, а во Делчево и околните населени места само по некој портал и тоа е се’.Значи состојбата со медиумите е очајна,а со згаснувањето на локалните медиуми како на пример во Велес Штип и други градови   без работа останаа и по  повеќе од триесет новинари во овие градови, и  сега на прст можат да се избројат новинарите и во овие поголеми градови во земјава,оцени Лефков.

Тој посочи дека од оваа дебата оценката  е дека  причината за нивното затворање се финансиите,но и дека новинарите недоволно се бореле за својата професија и дека работеле за минимум хонорари или  на минимални   плати,без платени придонеси и на неполно работно време.

-Но, една од причина беше и напливот на политиката и ударот на политиката врз медиумите и тоа беше слабоста на медиумите и новинарството што придонесе за нивно згаснување, појасни Лефков.

Новинарот Зоран Иванов учесник во дебатата за МИА потенцира дека состојбата со новинарството и локалните медиуми е катастрофална, а како што рече, почна да се влошува уште пред петнаесетина години кога се затворија локалните 29  јавно радиодифузни радио станици во земјава кои работеа во скоро сите градови.

-Македонските градови уште тогаш останаа без медиумска и новинарска база и последиците од година во година се повеќе се зголемуваат. Тоа на властите очигледно им одговара и на локалните и на централната затоа што сега се подалеку од граѓаните и без го слушаат ехото на нивните потреби. Ние денеска спомнавме за граѓанско новинарство, кое дирекно комуницира со властите на локално па и централно ниво за да ги задоволи потребите на граѓаните. Затоа сметам дека што поскоро треба се отворат и зајакнат локалните медиуми и новинарството во нив, за да тие бидат повторно посредници на јавниот притисок врз реализација на потребите на граѓаните, посочи Иванов.

Според Иванов, решението е општините и општинските Совети малку повеќе треба да се грижат за локалните медиуми. Според него, фирмите не се должни никого да финансираат. Доколку ги финансираат, вели, тие повторно се зависни од некого, ако, не од политиката, тогаш од некој друг центар на моќ.

-Јас сум заговорник дека општините заедно со централната власт мора да најдат решение и модуси да ги оживеат барем за малку локалните медиуми тие што вредат и при тоа треба да има критериуми. На државата е да формира Фондови и да дава пари бидејќи тие пари се на граѓаните, а граѓаните заслужуваат тие да управуваат со уредувачката политика на тие медиуми, смета Иванов.

Владимир Тевчев претседател на УО на Асоцијацијата на локални радија, новинар и косопственик на локално радио, посочи дека еден од начините за зајакнување на регионалните и локалните медиуми е формирање Фонд за медиуми, кој по урнекот на Хрватска, би финансирал конкретни медиумски програми.

-Еден од нив надоместокот кој медиумите го плаќаат за лиценци. Формулата за распределба треба да има сериозна развојна компонента. Да стимулира нови вработувања во локалните медиуми, вложување во програмските концепти и просторните услови за работа. На подолг рок,ова ќе доведе до квалитетна понуда за публиката, развој на локалното новинарство и зајакнување на јавниот интерес, како важна функција која локалните медиуми треба да ја извршуваат, вели Тевчев.

Треба да знаете
Последни објави