Search

ФК Борец прослави еден век постоење

На градскиот стадион „Зоран Паунов – Паун” во Велес со пријателскиот натпревар помеѓу ФК Борец и суперлигашот ФК Вождовац од Белград се одбележа 100 годишнината од постоењето на фудбалскиот клуб Борец. Натпреварот заврши со резултат 1:1.

Фудбалскиот клуб Борец е основан во 1919 година во Велес и е еден од најстарите спортски колективи во државата. На почетокот бил основан под името Напредок, а денешното име го добил во 1926 година.

Овој клуб по 19 години натпреварување во пониските фудбалски рангови, оваа година се врати во Првата фудбалска лига. Растот на Борец започна пред три години со преземање на клубот од страна на компанија Брако, официјален сопственик на клубот и ангажирањето на врвниот тренер Горазд Михаилов.

Кочо Анѓушев ко-сопственик на Брако и на клубот, пред почетокот на натпреварот на публиката и порача дека ќе го направат Борец да биде клуб кој нема да игра само епизодна улога во домашното првенство.

– Задоволство ми е што денеска гледаме полни трибини. Оваа глетка стана секојдневие кога игра Борец во Велес. Тоа е доказ дека граѓаните на Велес се желни за врвен фудбал. Препознавајќи ја страста на нашите навивачи пред три години одлучив прво како велешанец и љубител на фудбалот да се зафатам со проектот Борец да стане стабилен, прволигаш а потоа и да излезе во Европа, изјави Анѓушев пред почетокот на натпреварот.

По четири кола во ПМФЛ Борец има една победа, еден нерешен резултат и два пораза е се наоѓа на 7.место.

Треба да знаете
Последни објави