Search

Верушевски не доаѓа на судења за „Таргет- Тврдина“, го бараат и во Влада

Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина” се одложува за 23 септември поради отсуство на сведок предложен од СЈО. Судијката Џенета Бегтовиќ на почетокот на денешното рочиште информира дека сведокот Зоран Верушевски, не е присутен, наспроти напорите на судот да го извести на адресата на живеење и на работното место во Влада.

„Лицето е повеќепати е барано на посочената улица, но станот е затворен. Оставно е известување“. Ова го прочита судијката Џенета Бегтовиќ. Судот направил обид да го најде и на работното место во Владата, како национален советник на премиерот Зоран Заев за безбедност. Од Владата на поканата ставиле печат, но нема доказ дека тој лично ја примил поканата.

Од СЈО изјавија дека немаат податок дека ја сменил адресата. Судот повторно ќе направи обид да го обезбеди за следното рочиште на 23 септември.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и на минатото рочиште беше сослушан сведок вработен во УБК, предложен о СЈО.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Во „Таргет – Тврдина“ обвинети се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, тогашниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујевски, и вработените во УБК, Никола Бошкоски, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ. Грујевски и Бошокоски избегаа во Грција и нив им се суди во отсуство.

Треба да знаете
Последни објави